Collective-Consciousness-App

Поврзување на повеќе мозоци меѓусебно телепатски или на друг начин – признаваме, личи на научна фантастика. Па сепак, не е. Тим на истражувачи од Универзитетот Дјук од САД успешо поврзале мозоци на мајмуни и глодари (стаорци), кои потоа успешно решиле задачи кои инаку не можеле да ги решат засебно.

Во едниот експеримент се работи за три мајмуна (ресус макаки) кои имале на главата сензори за електрична активност од стотици неврони во некој одреден дел од нивниот мозок. Предходно мајмуните биле истренирани да движат виртуелна рака на екран која имала за цел да фати топка. Во текот на експериментот мајмуните требале да го направат истото, но сега заедно и координативно. Истражувачите ова го постигнале со тоа што секој мајмун можел да ја движи раката во само две од 3-те димензии, а неговиот придонес бил точно 50% од движењето на истата во виртуелниот простор (што значи дека за да се оствари 100% движење потребна е координација меѓу мајмуните за таа конкретна димензија).

Мајмуните успешно го завршиле експериментот сихнронизирајќи се меѓусебно и движејќи ја виртуелната рака со помош на мислите за да го фатат топчето. Дополнително, дури и ако некој од мајмуните се „исклучел“ т.е. се здосадил и не сакал да учествува, на негово место повеќе работеле другите двајца и го решавале проблемот.

Во другиот експеримент, на подиректен начин биле поврзани мозоците на стаорците, на кои им биле давани и директни електрични стимулации во однос на информации во врска со воздушен притисок и температура. Стаорците со помош на двонасочната спрега успешно се синхронизирале и успеале да предвидат кога има поголема или помала шанса за дожд, нешто што индивидуално не можеле да го решат.

Ваквите експерименти ја докажуваат способноста за остварување на вистинска телепатија, спојување на свесноста и создавање на вистински мозок-компјутер опкружувања. Како што се развива технологијата се развива и виртуелизацијата на светот т.е. технологиите на надградена и виртуелна реалност овозможуваат „надградба“ на материјалниот свет и наскоро се очекува да се сплотат.

Дополнително, доброволното влегување на човештвото во овој процес ќе овозможи сплотување на идната машинска интелигенција и човековата користејќи ги ваквите технологии. Спојувањето на машинската и човечката (и животинската) свесност ќе доведе до друг позитивен ефект – антагонизмот помеѓу луѓето и синтетичката интелигенција практично ќе се изгуби бидејќи нашите свесности ќе станат едното исто, и практично ќе го достигнеме следниот еволутивен развиток – киборгизација на човештвото.

Секако, ова ќе има и еден огромен негативен ефект – практично губење на приватноста и постепено претворање во колективен ум без значајна автономија на мисла на засебните единки. Времето за размислување дали ова за нас е утопија или дистопија е токму сега. Ако го пропуштиме тој момент веројатно дека стрмоглаво и по инерција ќе се впуштиме во некоја од варијантите без соодветни подготовки и развиени етички правила, а тоа може да не` чини колективно сите многу (па дури и уништување на човековиот вид од страна на синтетичка интелигенција).

Извор: The Guardian, UberGizmo

Претходна статијаСоздаденa тенка маска за „невидливост“ која нема губиток на светлосниот квалитет
Следна статијаОтсега достапен адаптер за жично LAN поврзување за Google Chromecast