Apple денеска официјално ги претстави своите најнови монитори, со што ја ажурираше понудата за професионалните корисници и креативците. Новата серија се состои од освежен Studio Display и целосно нов Studio Display XDR, кој воедно го заменува досегашниот Pro Display XDR во портфолиото на компанијата.
Двата монитори ја задржуваат дијагоналата од 27 инчи и 5K резолуцијата, но донесуваат значајни технички унапредувања во поглед на поврзувањето и квалитетот на приказот.
Стандардниот Studio Display добива надградба во форма на Thunderbolt 5 конективност, што овозможува поголеми брзини на пренос на податоци и полесно поврзување на повеќе уреди во низа. Екранот и понатаму нуди 600 нити осветленост и поддршка за P3 широкиот спектар на бои. На предната страна е сместена 12MP Center Stage камера со подобрен квалитет на сликата, додека аудио системот со шест звучници сега нуди за 30 проценти подлабок бас во споредба со претходната генерација.
Овој модел за жал останува на фреквенција на освежување од 60Hz.
Позначајните промени се видливи кај Studio Display XDR моделот кој користи напредно mini-LED заднинско осветлување со над 2.300 зони за локално затемнување. Оваа технологија овозможува екстремен контраст и осветленост која достигнува до 1.000 нити за SDR содржини, односно до 2.000 нити при прикажување на HDR содржини.
За првпат кај десктоп мониторите на Apple, XDR моделот воведува ProMotion технологија со адаптивно освежување до 120Hz, што обезбедува помазно движење на содржините на екранот.
Покрај P3, овој модел нуди и поддршка за Adobe RGB боите, што го прави погоден за прецизна графичка обработка и монтажа.
Во поглед на дизајнот, двата уреди доаѓаат со куќиште од алуминиум и опции за стандардно или стакло со нано-текстура за намалување на рефлексиите. Кај XDR моделот стандардно е вклучен држачот со прилагодување на висина и наклон, додека кај основниот Studio Display таа опција се доплаќа.











































