Марк Гурман, во неговиот најнов неделен билтен, најавува дека Apple работи на целосно нова верзија од Magic Mouse. Ова минималистички направено глувче првпат беше претставено пред 15 години, односно во 2009 година. Почна како доста уникатен и функционален уред, а сега добива доста критики.
Меѓу главните критики се лошата удобност на глувчето кое не ни може да се спореди со конкурентните кои даваат големо значење на ергономијата, односно удобното поставување на дланката подолго време.
Секако, тука е и најпознатата критика за поставеноста на приклучокот за полнење на долната страна, па глувчето не може да се користи додека се полни.
Ова секако не е голем проблем со оглед на тоа што батеријата трае доста долго време, а кога треба да се наполни, истото се прави за доста кратко време.
Според Гурман, новиот Magic Mouse не треба да се очекува баш скоро. По завршувањето на дизајнот, доаѓа време на изработка на внатрешноста и софтверот, што значи дека треба да го очекуваме за 12 до 18 месеци од сега.