Car Thing, интересно име за првиот производ од Spotify кои се сервисот број 1 во светот за стриминг на музика, подкасти и слично. Овој производ беше претставен минатата година, но дури сега почнува официјално да се продава, а за почеток само во САД по цена од 89,99 долари.
Со оглед на тоа дека поскапите, како и поновите автомобили, имаат достапност на апликации, а Spotify е меѓу првите кои се подразбира дека би биле достапни, Car Thing може да се каже дека е повеќе наменет за корисниците кои имаат нешто постар автомобил.
Со достапноста на повеќе видови на држачи, Car Thing може да се постави во повеќе позиции во автомобилот, односно на контролната табла, на вентилацијата и слично.
Очекувано, Car Thing може да се користи со Spotify Premium претплата, односно не е наменет за бесплатните корисници на сервисот.
Замислен е како уред кој е наменет само за слушање на музика, оставајќи го телефонот на страна, кој сепак е потребен за да може да работи Car Thing. Уредот се поврзува со телефонот од каде што ја користи интернет конекцијата, а може да се поврзе преку USB или AUX, како и преку Bluetooth.
Car Thing е доста едноставен уред. На предната страна има едно контролно „тркало“, како и уште неколку команди кои се достапни преку екранот на допир. Корисниците може да ги слушаат истите работи кои ги слушаат на нивниот мобилен, односно листите со музика се синхронизирани на сметката на корисникот.