Google Glass е еден од ретките неуспешни проекти на пребарувачкиот гигант, но тоа не значи дека веќе се откажаа од него. Наскоро треба да биде лансирана нова верзија наменета за бизнис светот, која ќе има неколку ситни подобрувања.
Од она што најмногу го бараа корисниците, подобрувања ќе има во траењето на батеријата, иако тие нема да бидат толку големи како што се очекуваше. Сепак, понудена ќе биде и екстерна батерија, која ќе треба делумно да ги подобри работите, но за која ќе треба дополнително да се доплати.
Новиот модел ќе има и поголема призма, која ќе го прошири полето на гледање, што според информациите, ќе го направи користењето многу покомфорно и ќе го намали заморот на окото после подолго користење. Исто така и самиот екран ќе биде подобрен, со цел почиста слика.
Google Glass Enterprise Edition ќе има и поддршка за повеќе Wi-Fi Мрежи на 2,4 и 5 GHz, што ќе го олесни користењето со поновите мрежни станици и рутери и ќе го подобри сигналот. Како и актуелниот модел и овој ќе има поддршка за Bluetooth, што ќе се користи за поврзување со паметен телефон со Android.
На крај, можеби и малку неочекувано, новиот модел ќе биде опремен со Intel Atom чип, кој ќе биде со малку побрз работен такт од оние што моментално се вградуваат во часовниците со Android Wear.
Извор: TechnoBuffalo, 9to5Google