Последниве неколку години исклучително популарни се “Noise Cancelling” слушалките, кои можат буквално да ве изолираат од звуците на околината. Ова може да биде корисно во многу ситуации, но што ако сакате да слушнете само некои звуци од околината, а другите сакате да ги изолирате? За тоа на помош доаѓаат Here One слушалките на Doppler Labs.
Ова се паметни слушалки кои користат технологија многу слична на онаа од “Noise Cancelling” слушалките, односно имаат вградено неколку дирекциони микрофони на надворешниот дел, кои служат за „фаќање“ на сите звуци од околината, но за разлика од нив, изолираат само дел од нив.
Поточно, корисникот преку специјална апликација за својот паметен телефон, може да избере кои звуци ќе ги пропушти. На пример, може сакате да слушате класична музика од вашиот телефон, заедно со звукот на птиците што пеат по улиците, но не сакате да ја слушате бучавата од сообраќајот или пак возите велосипед и во тој случај сакате да го слушате и сообраќајот. Овие слушалки ќе ви го овозможат токму тоа, но и многу повеќе.
Еве уште еден пример: слушалките можат да ги изменат звуците од надворешноста и да ги направат попсиходелични, ако сакате да се чувствувате „издрогиран“ без да внесувате таква супстанца во себе, односно можат многу звуци да ги направат погласни – на пример звукот од стадионот кога гледате фудбал на телевизија со цел подобра атмосфера.
Сите овие можности се благодарение на специјалните процесори вградени во самите слушалки, кои со помош на специјални алгоритми можат да препознаваат многу различни типови на звуци од околината. Благодарение на тоа што се поврзуваат со вашиот паметен телефон, нив можете да ги користите и за да комуницирате со вашите „дигитални асистенти“, поточно Google Now, Siri и Cortana.
Овие можности секако имаат и висока цена – за Here One слушалките ќе треба да одвоите 299 долари, што е многу за слушалки кои реално може лесно да ги загубите. Достапни ќе бидат од ноември низ целиот свет, па за оние кои сакаат уникатно аудио искуство, еве шанса да го пробаат.