Големите телевизори кои ги имаме во дневните соби денес, се почесто ги користиме за гледање на видео содржини од интернет. Кај нас, секако најпопуларно е симнувањето на филмови од торент и за оние кои го прават тоа, новиот My Passport Wireless Pro хард диск на Western Digital е идеално решение.
Магијата на овој хард диск е што може да се поврзе преку Wi-Fi и него да го користат сите уреди кои се поврзани на таа мрежа. За жал, ова не е од верзиите на Western Digital кои може да се користат како вистинско “Cloud” решение и да овозможат пристапување на датотеките преку интернет, односно од друга мрежа, но за намената е прилично корисен.
Па, што може да се направи со овој уред? Бидејќи функционира како рутер и хард диск истовремено, на него може да симнете најразлични датотеки, како на пример филмови кои сте ги симнале од торент. Потоа, безжично со помош на апликацијата Plex, може да пристапите од сите паметни уреди кои ги имате во домот, од паметните телефони до паметните телевизори.
Ова решение можеби не изгледа како некој преголем новитет, но навистина е многу полежерно вака да ги гледате филмовите кои сте ги симнале, отколку цело време да го префрлате хард дискот од компјутерот кон телевизорот, да не зборуваме за неможноста истите филмови потоа да ги гледате на вашиот паметен телефон или таблет. Вака, сите датотеки ќе ви бидат достапни на сите уреди, секогаш.
Интересно, уредот има и вградена батерија, која може да издржи 12 часа со едно полнење, што значи дека може да го користите и надвор од домот. Исто така, на него има и USB 3.0 приклучок и читач за SD картички, што е одлично за префрлање на фотографиите од вашиот дигитален фотоапарат. Благодарение на вградениот процесор, My Passport Wireless Pro поддржува и репродукција на 4K видео преку Wi-Fi.
My Passport Wireless Pro доаѓа во две големини – 2 TB која чини 200 долари и 3 TB која чини 230 долари. SSD модели не се достапни, но тука брзината и не е од преголемо значење, туку поважно е колкав е капацитетот на дискот.