Apple го претстави нивниот прв уред за проширена реалност, Vision Pro, на почетокот од минатиот месец во рамките на WWDC 2023. На претставувањето му претходеа голем број на неофицијални информации, неколку одложувања, а имаше и такви кои тврдат дека уредот не е подготвен за пуштање.
Ова може до некаде да се види и во реакциите на некои од познатите „јутјубери“ кои имаа шанса да го тестираат уредот, а посебно се истакнува батеријата која се носи посебно и се поврзува со кабел на кој треба да се внимава.
Марк Гурман излезе со анализа во која тој прави споредба со времето потребно другите производи од Apple да станат доста популарни и да бидат голем дел од приходите на компанијата.
Според него, Vision Pro нема да го има успехот на ниту еден од другите производи, па ќе биде потребно многу подолго време за да производот стане фактор за компанијата.
Кога ќе се земе во предвид цената од 3500 долари и некои од другите недостатоци, покрај доста револуционерни делови карактеристични за Apple, не е тешко да се очекува доста помала бројка на продадени примероци.
Продажбата треба да почне на почетокот од идната година и само во САД, а достапноста во некои други земји треба да почне неколку месеци подоцна. Apple планира на корисниците да им препорача купување директно од продавниците каде ќе можат да направат мерење на лицето за подобро прилагодување на уредот.
Наредните верзии од Vision Pro треба да имаат пониска цена, а и да ги надминат некои од недостатоците на првиот модел. Тоа сигурно ќе донесе поголема популарност на првиот уред кој Apple го претстави не баш во нивни стил, односно го пушти пред да е целосно подготвен за истото. Причината за тоа е изгледа пазарот кој веќе не може да чека влез од страна на Apple.
Целата колумна на Марк Гурман можете да ја прочитате тука.