AirBar-970-80

Лаптопите со дисплеи на допир се повеќе и повеќе се присутни на пазарот и по мое лично искуство се одлично решение – многу се поприродни за работи како зумирање или скролање, односно сурфање на интернет.

Но, што ако имате стар лаптоп кој се уште добро се носи во поглед на перформанси, а сакате неговиот дисплеј да има можност за допир? На помош доаѓа AirBar – едноставно решение кое ќе овозможи дисплејот да работи на допир на скоро секој Windows и Chromebook лаптоп.

AirBar е мала црна лента која се приклучува на USB приклучок и која се става во долниот дел на рамката на дисплејот на Вашиот лаптоп. Со самото приклучување уште веднаш се добива функционалноста – нема потреба од инсталирање дополнителни драјвери.

Уредот има мали димензии и поради тоа би требало да може да се употреби на скоро сите лаптопи со различни големини на рамката околу дисплејот, но во моментов е достапна верзија само за лаптопите со големина од 15,6 инчи. Ова кај нас и не би требало да биде големо ограничување – повеќето корисници имаат лаптоп со оваа големина.

Решението вака на хартија делува едноставно – уредот пушта невидливо светлинско поле на самиот дисплеј, кое може да препознае на кој дел од него допирате или правите други работи, како зумирање со два прсти или скролање. Благодарение на ова, AirBar ќе функционира и доколку имате ракавици, што значи дека не е ограничен како капацитивните дисплеи на допир во тој дел.

Цената на AirBar изнесува 49 долари, што веројатно не е многу за да претворите еден обичен лаптоп во лаптоп со дисплеј на допир – секако доколку овој уред навистина функционира како што ветува производителот.

Извор: TechRadar, Geek, AirBar

Претходна статијаСо Qarnot Q.rad греалката со микро процесори, можете да го загреете Вашиот дом бесплатно
Следна статијаGoogle им има платено на Apple 1 милијарда долари за нивниот пребарувач да се користи на iOS