Треба да имате живеено во пештера последниве неколку години за да не знаете дека GoPro апсолутно доминира во сегментот на акциони видео камери. Затоа и еден од најголемите производители на професионална фото опрема, Nikon, направи особени напори својата акциона камера да ја издвои од најголемиот конкурент и барем на хартија, навистина успеа.
KeyMission 360 е прва акциона камера со два сензори и две ултра широки леќи, кои можат да снимаат видео од 180 степени посебно, односно заедно да снимаат видео од 360 степени. Што значи ова? Дека акционите видеа потоа ќе може да ги гледате на VR уред, како на пример Oculus Rift и да се чувствувате дека сте вистински на местото каде е снимена акцијата – на пример фрлање со падобранец, спуштање со велосипед по стрмна планина или пак качување на карпи.
Камерата може да снима максимум во 4K резолуција и има електронска стабилизација со цел да има помалку тресење во видеото. За разлика од GoPro моделите, тука нема потреба од ставање дополнително куќиште за камерата да биде отпорна на удари или вода – трпи паѓање од 2 метри и може да издржи максимум 30 метри под вода, што ја прави одличен избор и за нуркачите.
Сите овие атрибути навестуваат и повисока цена. Иако не е најавено колку ќе чини, очекувано е да треба да се плати повеќе отколку за другите акциони камери. Затоа, освен за оние со подлабок џеб, KeyMission 360 би можела да се покаже и како одличен додаток на креаторите на видео содржини за VR уредите, кои од наредната година веќе ќе станат секојдневие кај корисниците.
Извор: TechRadar, Digital Photography Review, Petapixel