Фото: Nothing

Nothing, минатата недела заедно со Phone (4a) Pro и Phone (4a), официјално ги претстави своите најнови слушалки кои се во форматот за преку уши, наречени Headphone (a). Овој модел претставува нов додаток во нивната аудио линија, со примарен фокус на траењето на батеријата и физичките контроли.

Според објавата од компанијата, Headphone (a) нуди до 5 дена непрекинато слушање со едно полнење, што претставува најдолга автономија кај било кој производ на Nothing досега. Уредот поддржува и брзо полнење, со што пет минути полнење обезбедува дополнителни пет часа слушање на музика.

Во однос на дизајнот, слушалките се достапни во четири бои: жолта, розова, црна и бела. Тежината на уредот изнесува 310 грама, а слушалките се опремени со перничиња од мемориска пена. Внатрешните компоненти поседуваат IP52 сертификат, кој нуди основна заштита од прашина и прскање со вода.

За аудио перформансите се задолжени 40-милиметарски „драјвери“ обложени со титаниум. Headphone (a) поседува сертификат за Hi-Resolution Audio Wireless и го поддржува LDAC кодекот за пренос на звук со висока резолуција. Уредот исто така вклучува и систем за активно поништување на бучавата (ANC) кој доаѓа со три нивоа.