Фото: Oppo

Минатиот февруари Oppo го претстави нивниот Find N5, уред на преклоп кој беше промовиран како најтенкиот ваков уред на пазарот. Сега, нешто повеќе од една година подоцна, од компанијата повторно имаат нешто што ќе се издвои на пазарот. 

Oppo Find N6 ќе биде претставен на 17 март со настан кој ќе започне во 12 часот на пладне. 

Главната карактеристика која ќе привлече внимание кај Oppo Find N6 ќе биде линија на местото каде што се превиткува екранот, односно недостатокот на истата. 

Така барем се тврди во најавата, а ќе видиме кога ќе биде претставен уредот дали тоа навистина ќе биде така и на кој начин е постигнато истото. 

Телефонот треба да остане доста тенок како неговиот претходник, а од Oppo обично се одлучуваат за најдобрите компоненти, па се најавува и доста голема моќ, како и камери со брендот на Hasselblad. 

Во најавата стои и најава за ВИ пенкалце, односно Oppo AI Pen, но секако тука повеќе се работи за софтвер вклучен во оперативниот систем. 

Оваа година инаку се очекува претставувањето на првиот iPhone на преклоп, а оваа година е избрана од страна на Apple наводно баш поради тоа што технологијата е стигната до таму да може веќе да не се познава линија на местото на превиткување на екранот. 

Такво нешто се очекува и од наредната генерација од Galaxy Z Fold, а очигледно Oppo ќе ги „претрка“ овие големи компании и ќе го претстави првиот ваков уред на пазарот.