Веројатноста дека Apple идната година, поточно идната есен, ќе го претстави нивниот прв iPhone на преклоп е доволно голема за да аналитичките компании веќе прават предвидувања за пазарот.
Шпекулациите и неофицијалните информации изминатите години ги имаше доволно многу, па мислам дека во септември 2026 ќе го видиме првиот iPhone Fold.
Според компанијата IDC, претставувањето на овој прв iPhone на преклоп од страна на Apple ќе има големо влијание на пазарот. IDC очекува годишен раст на пазарот на уреди на преклоп од 30%, а како причина за тоа се истакнува директно iPhone Fold.
За споредба, пазарот во 2025 година има раст од 10%, а за идната година првично се предвидувал раст од 6%, пред да се додаде iPhone Fold како фактор.
Тоа што е уште поинтересно во предвидувањата од страна на IDC е што тие очекуваат iPhone Fold да освои 22% од пазарот уште во првата година, додека овој уред би имал 34% од вредноста на пазарот, поради високата цена.
„Следната година ќе се покаже како возбудлива за категоријата на уреди на преклоп, со повеќекратни лансирања што ќе го зголемат пазарот на раст од 30% на годишно ниво од само 6% во претходната прогноза“, рече Набила Попал, виш директор за истражување во Worldwide Quarterly Mobile Phone Tracker на IDC. „Samsung ќе ја започне 2026 година со Galaxy Z Trifold, воведувајќи иновација на тројно преклопување за главните глобални потрошувачи, градејќи го моментумот на успешниот Galaxy Z Fold7 во 2025 година. Уредите на преклоп на Huawei што работат на HarmonyOS Next исто така ќе забележат силен раст, а испораките се очекува да се удвојат речиси во 2026 година. Но, вистинската пресвртница за категоријата доаѓа на крајот од годината кога Apple ќе влезе во просторот на уреди на преклоп, за што се предвидува дека ќе освои над 22% удел во единиците и неверојатни 34% од пазарната вредност на уредите во првата година, благодарение на очекуваната просечна цена од 2.400 долари.“ – стои во објавата од IDC.
Според неофицијалните информации, добра продажба на iPhone Fold очекуваат и од Apple од каде наводно нарачале околу 10 милиони екрани од Samsung, што се смета за дури 30% од претходните информации.
Влезот на Apple дури идната година не е случаен, па после седум поминати години од појавата на овој пазар, дури сега гледаме посериозен напредок од аспект на технологијата. iPhone Fold се очекува дека нема да има линија на местото на превиткување на екранот, а Apple наводно ќе користат нова технологија за механизмот за преклопување.
Во текот на годините повеќе пати се променија шпекулациите за тоа кој уред ќе биде првиот уред на преклоп од Apple, па едно време се веруваше дека прво ќе видиме iPad на преклоп.











































