До крајот на март се очекува дека Apple конечно ќе воведе OLED екран кај нивните iPad Pro таблет компјутери. Нешто што е одамна стандардно кај повеќето Android конкуренти, ќе донесе подобра ефикасност, како и одличен контраст за корисниците на iPad Pro.
За iPad Pro OLED моделите читаме веќе цела година, а една од информациите беше дека Apple планира доста големо покачување на цените на овие уреди. Основниот модел наводно треба да добие скоро дуплирање на цената, па од сегашните 800 долари, да се продава за 1500. Поголемиот iPad Pro наводно од 1100 долари би се продавал за 1800, па кога овие цени ќе се пресметаат на нашиот пазар, истите би биле претерани.
Сепак, сега според извори на DigiTimes, цените нема да бидат толку драстично покачени, па може да се очекува покачување од околу 160 долари, што е и очекувано со оглед на воведувањето на OLED панел, а и генералното покачување на цените на сите производи во светот.
Заедно со новите iPad Pro, се очекува претставување и на нов iPad Air, кој оваа година ќе дојде наводно во две големини.
Претставувањето се очекува до крајот на идниот месец, па ќе видиме конечно што ќе одлучат од Apple.