Претставувањето на наредната генерација од Galaxy Watch треба да се случи наскоро, обично во август, па јасно е дека зачестено ќе почнат да излегуваат неофицијални информации, а во овој период и слики.
Познатиот по вакви објави, Еван Блас, преку 99mobiles, објави слики од часовникот во двете негови изведби. Дали тие навистина вака ќе изгледаат, ќе дознаеме наскоро, но ако се земе досегашното искуство, веруваме дека ова се новите часовници од Samsung.
Од објавата се гледаат два часовници, односно наредната генерација Galaxy Watch5, но и нов модел на местото на Galaxy Watch4 Classic, наречен Galaxy Watch5 Pro.
Pro моделот треба да го замени ланскиот „класичен“, што значи дека исто така има нешто поголема рамка околу екранот, но оваа година овој модел ќе дојде во титаниумска изработка и два бои. Ова треба да го направи овој часовник поскап и да ги привлече корисниците кои би сакале часовник кој асоцира нешто повеќе на обичните.
Galaxy Watch5 во главно го продолжува стилот на ланскиот модел, па за разлика од Pro моделот, тој доаѓа со помали рамки околу екранот и генерално е потенок, односно помалку гломазен.
Блас покрај сликите, објави и 3D поглед од часовниците, со што се добива целосната слика за што е тоа што треба да го очекуваме.

