
После години на воведување од првичната најава, сега Meta најави дека од-крај-до-крај шифрирањето на разговорите во Instagram ќе биде тргнато на 8 мај оваа година.
Тоа едноставно кажано значи дека од Meta си ја враќаат можноста да ги читаат пораките на корисниците кога сакаат, а повторно тоа се прави во името на заштита на децата.
Информацијата сѐ уште не е посебно објаснета, па истата може да се потврди преку официјалната страна за помош на Instagram, во делот каде што се објаснува што значи шифрирањето на разговорите.
На истата се истакнува дека сите пораки кои се засегнати од оваа промена ќе можат да бидат симнати, заедно со сликите и видеата, а корисниците кои имаат вакви пораки ќе бидат известени и ќе им биде објаснето како да го направат тоа.
Иако засега нема официјално објаснување, причината за оваа промена најверојатно е поврзана со заштита на децата. Reuters имаат објава од минатиот месец која може да се смета како објаснување на сегашната одлука.
Заштитата на децата се користи често во последно време како оправдување за нарушувањето на приватноста на корисниците, а Meta сигурно не е компанија од која би очекувале да се бори за истото.
За доста корисници оваа промена ќе помине незабележано поради тоа што шифрирањето и не беше пуштено за сите.










































