Македонија на светската Карате 1 Премиер лига во Каиро, Египет, ќе ја претставуваат репрезентативците Петар Спасеновски (-84 кг) и Стефан Стојановиќ (+84 кг), кои се членови на карате-клубот „Макпетрол”. 

Спасеновски e стандарден македонски репрезентативец, повеќекратен европски и светски медалист, додека Стојановиќ минатата година ја заврши како најдобро рангиран на светската ранг листа за У21, со освоен бронзен медал од официјалното Светско првенство за помлади сениори (У21) и златен медал од младинската Светска премиер лига во Венеција, Италија.

Македонските каратисти во машка конкуренција се единствените што обезбедија норма за да бидат во најдобрите ТОП 32 рангирани каратисти на ранг-листата на ВКФ (Светската карате федерација), што е предуслов за учество во Карате 1 Премиер лигата во Египет. Спасеновски и Стојановиќ ќе ги предводи тренерот на „Макпетрол“, Петар Заборски, кој поради повреда нема да учествува во Египет иако и тој е во Топ 32 на Светската ранг-листа.

Карате натпреварите во Каиро ќе се одржат од 18 до 20 април.

На Премиер лигата настапуваат Топ 32-најдобри натпреварувачи во светот во секоја тежинска категорија. Во елиминацискиот дел секој спортист има три задолжителни борби во својата група, а само прворангираниот ги продолжува борбите во четвртфиналето. Светската Карате 1 Премиер лига е највисоко рангиран натпревар со најквалитетна конкуренција на спортисти.

Во Каиро ќе учествуваат 376 елитни спортисти од 65 држави.

Претходна статијаMicrosoft најави неколку новини кои доаѓаат кај Photos апликацијата во Windows