Како и секоја година, тестирањето на најновото од Samsung го правиме лично во Смартпортал, без разлика што може да се најдат доста рецензии, а посебно од познатите „јутбјубери“. Тоа што мене ме интересира е да видам лично колку се во право другите, а посебно како „фан“ и корисник на производите од оваа компанија со години веќе. 

Galaxy S26 Ultra е изборот на повеќето корисници кои го сакаат најдоброто од Samsung, а и на пазарот, но јас обично се одлучувам за нешто помалите верзии и покрај тоа што морам да прифатам дека ќе ги немам дел од функциите. 

Затоа и на тест го земав Ultra моделот, а посебно што има новини кои навистина сакав да ги тестирам. 

Први импресии и разлики во дизајнот

Очекувано, при првото отворање и вклучување на Galaxy S26 Ultra, немав впечаток како да користам некој нов телефон. Познато е дека технологијата има достигнато одреден „врв“, а кога не тоа ќе се додаде и честото пуштање нови верзии од телефоните, не добиваме толку големи разлики од модел до модел како што беше случајот пред повеќе од 10 години. 

Според мене, тоа е и добро, па нема потреба да се вратиме на почетниот тренд на целосно менување на дизајнот за секој нов модел, па сега точно знаеме што да очекуваме од секој производител. За мене дури е чудно кога ќе видам како некои производители секоја нова верзија ја прават со различен дизајн, па тоа сега дури ми делува и некако несериозно. 

Сепак, по детално „чепкање“ и разгледување на телефонот почнуваат да се појавуваат суптилните разлики, а јасно е дека телефоните не се 100% исти секоја година. 

Првата разлика која може да се забележи е кај аглите на телефонот, а тие оваа година се уште повеќе заоблени, нешто што кај Ultra серијата Samsung започнува да го практикува неодамна. 

Мене лично Ultra серијата многу повеќе ми се допаѓа со заоблени агли, а претходно ми изгледаше некако многу „коцкасто“. Samsung направи одлична одлука на овој план, а оваа година овој дел изгледа уште подобро. 

Кога сме кај добри одлуки за изгледот, разлика може да се забележи и кај камерите на задната страна. Тие сега се поставени врз посебен модул, а не посебно, како што беше кај ланскиот модел. Можеби е само потребата за некаква промена, но мислам дека Galaxy S26 Ultra изгледа многу подобро, иако се работи за доста суптилни промени. 

Телефонот е и досега најтенкиот Ultra модел, а тоа може и да се забележи при користењето, иако се работи за милиметри разлика. Заедно со помалата тежина, овој доста голем уред е прилично удобен за користење, а морам да кажам и доста поудобен од конкурентот iPhone 17 Pro Max. 

Враќање кон алуминиумот, после користење на титаниум

Samsung за ова доби одредени критики, кратко кажано, а во главно не поради изборот на материјалите, туку поради следењето на Apple. Тие буквално почнаа со користење на титаниум после оваа одлука од страна на конкурентот, па по враќањето кон алуминиум од страна на Apple, Samsung повторно следи и го направи истото. 

Која е причината за одлука на Apple, не е баш познато, можеби е разликата во цената и склоноста кон прегревање кога не се користи алуминиум, но како и да е, повторно се враќаме кај овој материјал. 

Иако титаниумот звучи попрестижно, новата алуминиумска легура овозможува уште потенка и полесна конструкција, иако е нешто поподложна на гребнатини доколку не се користи футрола.

Privacy Display е главната нова карактеристика по која ќе биде познат Galaxy S26 Ultra

Privacy Display, новата функција која изгледа ќе стави крај на фолиите за приватност, кои не сум сигурен колку се популарни, но наводно помладите корисници многу повеќе внимавале на тоа кој и што може да види од страна кога го користат телефонот. 

Можеби тоа е случајот зошто помладите се по цел ден на телефон, гледаат разни видеа и слики, па разбирливо е да во јавност не би сакале од страна да може да се види што е тоа што го гледаат. 

Како што веќе сигурно знаете, Privacy Display е функција која ги спречува сите од страна да можат да видат што се прикажува на екранот. Уште подобро, може да се избере затемнувањето од страна да функционира само во одредени ситуации, па дури за одредени делови од екранот, како полиња за лозинки или известувањата. 

Секако, тука е изборот екранот да е „заштитен“ целосно, па ништо од страна да не може да се види. 

Функционалноста на оваа новина доаѓа од начинот на којшто е направен екранот. Samsung користи два вида на пиксели, едните кои светат стандардно и едни кои се направени да се насочени точно кон напред. 

Оваа функција сепак доаѓа со одредени „проблеми“, па добро е што може да се вклучува и исклучува брзо преку кратенка. Кога е вклучена функцијата Privacy Display, се намалува резолуцијата, очекувано, како и светлинатаа, односно генерално квалитетот на сликата. 

Решението е едноставно, Privacy Display нема потреба да е вклучен цело време, посебно не кога телефонот се користи дома без никој кој може да види нешто, па вклучувањето да биде практика само кога тоа навистина е потребно. 

Сепак, дури и кога функцијата е целосно исклучена, аглите на гледање и анти-рефлективниот слој се објективно полоши во споредба со минатогодишниот модел, па ќе видиме колку од корисниците ќе можат да го забележат тоа. 

Квалитетот на видеата добива целосно ново ниво со „Horizontal lock“ функцијата

Продажбата на стабилизаторите при снимање, односно „гимбал“ уредите, може реално да падне поради оваа нова функција од Samsung. Секако, се шегувам, тие кои навистина имаат потреба од „гимбал“ нема да се откажат од овие корисни уреди, но обичните корисници ќе можат да го подобрат своето снимање и да изгледа како да користат еден ваков уред. 

Функцијата „Super Steady“ која овозможува доста добро стабилизирање на сликата, со Galaxy S26 Ultra добива нова можност наречена „Horizontal lock“. Во основа, со вклучување на оваа функција при снимање, можете колку сакате да го движите и вртите вашиот телефон, а снимката секогаш ќе остане иста и стабилна како да сте се труделе што помалку да се движите. 

Иако ситуациите кога би ја користел оваа функција не се појавуваат баш секој ден, за мене таа е покорисна и поважна од Privacy Display, но секој со своите преференции.

Камера: Поширока бленда, подобро ноќно фотографирање

Што се однесува генерално, камерата на S26 Ultra е малку подобрена во споредба со претходникот. Главниот сензор сега има f/1.4 бленда (наместо f/1.7), што значи повеќе светлина и подобри фотографии при слабо осветлување, а тука разликата и не е така мала. Телефото камерата од 5x исто така доби поширока бленда.

Дневните фотографии се одлични, остри, со одличен динамички опсег и природни бои. Ноќните фотографии покажуваат видливо подобрување, особено во детали и намалување на шумот. Видео снимањето добива поддршка за APV кодек, што е значајно за оние кои сакаат поголема контрола при пост продукција.

Но, ајде да бидеме реални: ако доаѓаш од S25 Ultra, разликата во камерата нема да биде драматична. Ова се инкрементални подобрувања, не генерациски скок. Ако снимате многу видеа, ќе бидете воодушевени од новите опции, како поддршката за нови кодеци и можноста за директно снимање на надворешен диск. Но, ако ја погледнеме големата слика, хардверот на камерата не нуди никаков револуционерен скок.

Перформанси и AI: Snapdragon 8 Elite Gen 5 и тројца AI асистенти

Во внатрешноста, S26 Ultra работи на Snapdragon 8 Elite Gen 5, специјално прилагоден за Galaxy. Чипот е исклучително брз, но тоа важеше и за минатогодишниот. Разликата во секојдневната употреба е незабележлива, апликациите се отвараат моментално, анимациите се течни, игрите одат без проблем.

Она што е поинтересно е софтверската страна. One UI 8.5 базиран на Android 16 донесува нешто што Samsung го нарекува „Agentic AI”, концепт каде целиот оперативен систем, а не само поединечни апликации, го разбира контекстот и извршува задачи самостојно.

Конкретно, S26 Ultra сега има три AI агенти: Bixby, Google Gemini и Perplexity. Можеш да нарачаш такси преку Gemini со едноставна гласовна команда, а Perplexity може да се активира со „Hey Plex”. Идејата е дека телефонот ќе може да извршува повеќечекорни задачи во позадина, без твое константно мешање.

Дали ова функционира толку добро колку што Samsung ветува? Искрено, зависи. За едноставни задачи, да, работи. За покомплексни сценарија, сè уште е порано да се каже дали ова навистина ја менува играта или е уште еден AI маркетинг бран.

Samsung ветува 7 години безбедносни и системски ажурирања. Ова останува една од најсилните страни на Galaxy серијата и конкретна причина зошто овој телефон има подолга иднина од повеќето конкуренти.

Батерија и полнење: Подобро, но сè уште зад конкуренцијата

Батеријата од 5.000 mAh е иста како минатата година. Samsung ја зголемува брзината на полнење на 60W (Super Fast Charging 3.0), што значи дека до 75% се стигнува за 30 минути, а целосно полнење трае околу 40 минути. Ова е подобрување, но далеку од она што кинеските конкуренти го нудат.

Во тестовите, батеријата трае комфортно цел ден при умерена употреба. При интензивно користење, камера, игри, навигација, не треба да се очекуваат повеќе од 6-8 часа екранско време. Ова е коректно, но не е импресивно за телефон од оваа класа.

И тука доаѓаме до Qi2. Точно: Samsung повторно не се реши да вгради магнети во телефонот. S26 Ultra поддржува Qi2 полнење до 25W, но само со магнетна маска. Apple го има ова од 2020 година. Google го додаде во Pixel 10 серијата. Samsung тврди дека 80-90% од корисниците носат маска, па затоа не се потребни вградени магнети. Овој аргумент е тежок за бранење, особено кога самиот Samsung продава магнетни додатоци за S26.

За крај

Samsung Galaxy S26 Ultra е одличен телефон. Ова не е прашање. Тој е моќен, добро изграден, со одлична камера и софтвер кој ќе се поддржува долги години.

Но, тешко е да се избегне чувството кај некои корисници дека Samsung го продава истиот телефон веќе неколку години наназад, секоја година со мали подобрувања и една „главна” функција. Оваа година, тоа е Privacy Display и тоа е навистина интересна технологија, но не без свои компромиси.

Ако имаш S25 Ultra, нема реална причина да надградуваш по секоја цена. Ако имаш S23 Ultra или постар, S26 Ultra е солидна инвестиција, а ако доаѓаш од конкуренцијата, ова е најкомплетниот Android телефон на пазарот, само не очекувај да те изненади.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Екран
Перформанси
Батерија
Функции
Камера
Претходна статијаMicrosoft можно е да го „олабави“ барањето за најава со корисничка сметка при инсталацијата на Windows 11
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-samsung-galaxy-s26-ultraGalaxy S26 Ultra ја задржува нашата препорака како и претходните модели, а Samsung останува на врвот на пазарот.