Galaxy S6 hack-970-80

Мислите дека Вашиот нов смартфон со читач за отпечатоци на прсти е побезбеден од порано? Размислете повторно – група научници од Универзитетот во Мичиген успеаја да отклучат смартфони на Samsung (Galaxy S6) и Huawei (Honor 7) со испечатен отпечаток од inkjet принтер, процес кој трае само 15-тина минути. Оние што имаат iPhone (5S) пак не треба да се грижат – скенерот вграден во телефонот на Apple не може да биде излажан.

Методот е многу едноставен – се користи специјална фото хартија, на која преку inkjet принтер се печати отпечатокот од прстот кој се користи за отклучување на телефонот. Бојата која се користи за печатењето е кондуктивна сребрена, која може да реагира со читачот на отпечатоци.

Принтерот кој е користен во истражувањето е од производителот “Brother”, кој чини 400 долари, што е ситница за криминалците кои сакаат да се занимаваат со пробивање на уреди, кои во последно време се почесто се користат за плаќање и содржат многу пари во нив. Оваа техника на пробивање на скенерите за отпечатоци е инаку најлесна досега – досега за тоа се користеа 3D испринтани „прсти“.

Секако, во целиот овој процес има и еден мал проблем, а тоа е да се дојде до отпечатокот од прстот – потребно е да се има скенирана фотографија од него. Сепак, со оглед на тоа колку предмети фаќаме дневно, веројатно и ова нема да претставува пречка за оние кои навистина сакаат да влезат во нечиј смартфон.

Ваквите истражувања, покрај тоа што ни покажуваат колку треба да бидеме претпазливи кога е во прашање заштитата на нашите лични податоци, придонесуваат и за тоа производителите на смартфони во наредните генерации да вградат уште подобри скенери. Засега, само скенерот во iPhone е безбеден од вакво пробивање, кој е воедно и телефонот пионер со ваков тип на заштита.

Извор: TechRadar, Quarz, The Guardian

Претходна статијаSamsung претстави SSD со рекорден капацитет од 15 TB
Следна статијаТинејџери за првпат работат на Windows 95 – реакциите се очекувано интересни