„Протекувањето“, како што популарно се нарекува на англиски, на информации за уредите кои уште не се претставени е нешто што е веќе одамна нормално и за некои дури поинтересно од самото претставување на уредот официјално на настанот.
Google оваа година се реши да го искористи ова во своја корист, па и тие почнаа да официјално „протекуваат“ информации за нивните непретставени уреди, во овој случај Pixel 4 уредите.
Новата информација која ја пуштија од Google на крајот од минатиот месец, односно пред недела дена, е за чипот наречен Soli којшто ќе биде дел од новите Pixel 4.
Овој чип во основа е радар доволно намален за да може да го собере заедно со другите сензори и камери на предниот дел од телефонот. Со негова помош, Pixel 4 уредите ќе можат да ги детектираат со голема точност и прецизност движењата на корисникот со раката пред екранот, а исто така ќе се детектира и неговата близина.
Овој чип ќе овозможи да корисниците на Pixel 4 го контролираат нивниот уред преку гестикулации со рацете, без потреба од допирање на екранот или уредот воопшто. Тие ќе можат да ја пуштаат наредната песна кога слушаат музика, да го исклучат алармот, да го исклучат звукот кога телефонот добива повик и слично. Ова се само неколку примери, а ќе видиме што се ќе биде можно кога уредите ќе бидат преставени, а се најавува и унапредување на можностите со тек на време.

Овој чип, заедно со додатни сензори, ќе се користи за отклучување на телефонот со препознавање на лицето на корисникот. Од Google истакнуваат дека за разлика од другите вакви системи, кои работат на сличен начин со целосно мапирање на лицето, нивниот ќе биде побрз и попрактичен поради детектирањето дека корисникот го има подигнато уредот, а ќе може да се користи и од разни позиции.
Pixel 4 уредите ќе бидат претставени како и секоја година во октомври, кога ќе биде пуштена и финалната верзија од Android Q која моментално е во бета верзија.