Microsoft понуди многу интересни идеи и концепти во последниве години, некои иновативни, но само мал број револуционерни. Project Spark и концептот на кој се базира имаат потенцијал да влезат во втората категорија.
За оние кои не знаат, Project Spark е видео игра која овозможува креирање на сопствени видео игри. Замислата е дека кога ќе ја набавиме оваа игра, можеме да ја играме како и секоја друга најнормална игра, така што играме приказна или ниво кое друг го смислил или креирал. За разлика од обичните игри, готовите содржини и игривост не доаѓаат од компанија за игри туку од други гејмери. Project Spark уште од првиот ден е замислен како заедница на гејмери кои ги споделуваат своите креации едни со други.
За разлика од другите игри, Project Spark оди чекор подалеку. Прво му дава на гејмерот можност да ја изменува самата игра додека ја игра, па така може да додава и одзема карактери и елементи на веќе постоечка креација, може да додава и одзема ресурси и да ја измени целта или игривоста на даденото ниво. И на крај секако, може да го изменува светот по своја замисла.
Поголемата визија позади Project Spark е уште поамбициозна, идејата е секој гејмер да треба да може да креира своја сопствена авантура во било каков жанр на игра. Во теорија со овој концепт – веќе не се потребни милиони евра и цели тимови програмери да се оствари својата замисла за игра.
За жал сеуште не е јасно точно како гејмерите можат да прават игри од различни жанрови и точно каков труд треба да вложат да ја остварат замислената игривост. Најголемиот број видео презентации засега демонстрираат како гејмерот може да прави нивоа на една стандардна платформа со стандардизирана игривост, графика и презентација – слични на оние во Zelda и Fable игрите. Постојат и неколку презентации каде жанрот и стилот е малку различен, на пример игри со карти или боречка игра – но сеуште останува да се види колку и какви типови на игри ќе можат да креираат самите гејмери.
http://www.youtube.com/user/JoinProjectSpark?feature=watch
Она што сеуште не е демонстрирано, е точно тоа како Project Spark би дозволил креирање на сопствена игра од било кој жанр – со свои сопствени типови на игривост, графика и тип на презентација.
Засега само знаеме дека Xbox Kinect е интегрален дел на голем дел од креативните функции во Project Spark. Ова има голема логика затоа што анимирањето и креирањето карактери се голем дел од развојот на една игра. Kinect технологијата веќе со години дозволува едноставен и лесен начин на снимање карактерни анимации и креирање карактери и аватари – и поврзувањето на овие 2 технологии доаѓа како едноставен и логичен заклучок. Не е јасно што ќе се случува на Windows страната од нештата. Дали Windows корисниците ќе треба да купуваат Kinect for Windows уреди, или пак овој пакет ќе вклучува и алатки за креирање карактери и анимации со маус и тастатура.
Голем број од овие дилеми и прашања ќе бидат наскоро одговорени бидејќи Бета верзијата е конечно пристапна за јавноста
На почетокот на овој месец Project Spark достигна бета статус, и Microsoft го направи истиот достапен во Xbox и Windows 8 продавниците, меѓутоа за да се активира инсталацијата потребен е клуч кој го добивате од Microsoft доколку ја прифатат вашата апликација за учество во бета процесот. Секој може да се пријави на специјалната страна за учество во бетата.
Со зголемениот број на корисници очекуваме да се зголеми и бројот и квалитетот на информациите за овој проект, па така и информациите кои ќе се најдат на wikia страницата посветена на овој проект.
http://projectspark.wikia.com/wiki/Project_Spark_Wiki
Официјалните информации велат дека засега проектот е достапен само во некои региони, но не е јасно дали тоа се однесува на инсталацијата на софтверот или пак на бета апликациите и делењето клучеви.
Можевме да потврдиме дека софтверот е достапен за Windows 8.1 корисниците во Македонија, но сеуште не е јасно дали бета апликациите се ограничени по регион. Официјалната страна за пријавување бара само email и ништо повеќе – нема информации колкав број на луѓе ќе бидат прифатени во бетата, ниту по кој критериум.
Smartportal ќе продолжи да известува како што ќе станат достапни нови информации.