Sync е функција на Firefox која овозможува синхронизирање на додатоците (Add-ons), зачуваните веб страни (bookmarks), лозинки, прилагодувања, историја и лентите (tabs) на нивните сервери или за понапредните корисници на нивни сервери. Со користење на Sync функцијата можете сите ваши податоци да ги пренесете и користите на повеќе уреди каде што имате инсталирано Firefox и доколку на едниот од нив нешто смените, таа промена ќе биде достапна на другите уреди, што ја трга потребата од правење на истите промени на сите уреди посебно. Исто така оваа функција е корисна во ситуации кога сакате да го реинсталирате вашиот оперативен систем или да ставите нов, па со новата инсталација на Firefox, само ќе ги синхронизирате сите ваши податоци.
Од Mozilla развиваат нова верзија од Sync, која што ќе донесе одредени подобрувања, како и ќе ги стигне останатите прелистувачи, како што изјавуваат од Mozilla. Според нив актуелната верзија ги има следните проблеми:
Употребливост: Функцијата тешко се сетира, па поради тоа само 1% од корисниците ја користат. Исто така додавањето на втор уред не е лесно, па поради тоа само 20% од корисниците кои го користат Sync имаат поврзано и втор уред, со што се губи корисноста и намената на функцијата.
Квалитет: Постоечкиот код и протоколот не се во можност адекватно да овозможат сигурност, перформанси, како и ефикасност што се очекува од систем за синхронизација со висока искористеност.
Прилагодливост: Серверите често паѓаат, што влијае на квалитетот на услугат.
Функции: Функциите што треба да бидат развивани бараат пристап до податоците преку веб апликации, нешто што моменталниот протокол не поддржува.
Новата верзија од Sync ќе биде вградена во 29-та верзија од Firefox која што ќе биде достапна во Април 2014. Исто така оваа верзија нема да биде компатибилна со моменталната, па корисниците што веќе ја користат оваа функција ќе треба да направат нови кориснички сметки. Новата верзија нема да биде овозможена од самиот почеток на Firefox OS, како и на модерната верзија од Firefox за Windows 8.