Google официјално ја најави надградбата на Google Translate апликацијата за корисниците на Android и iOS која што ќе вклучи функции најавени во изминатиот период. Се работи за додавање на две нови функции кои што треба да им овозможат на луѓето многу полесно да комуницираат на различен јазик, како и многу полесно читање на знаците кога се во странство, односно на место каде што не го познаваат јазикот.
Пред неколку дена можевме да прочитаме дека Google работи на додавање на можноста за преведување на говор во Translate во вистинско време. Апликацијата веќе овозможува преведување на говорот, меѓутоа истото е прилично бавно поради тоа што мора да се изберат двата јазика помеѓу кои што ќе се преведува, се кажува реченицата, по што се чека да се добие преводот.
Сега апликацијата истото ќе може да го прави инстантно, односно додека корисникот говори. Исто така, корисникот нема да има потреба од избор на јазиците, а апликацијата тоа ќе го прави самата. Корисниците се што треба е да го притиснат копчето во форма на микрофон и додека зборат преводот веќе ќе започне. По завршување на говорот, преводот ќе биде веќе испишан, а потоа и прочитан на глас. Притискањето на копчето е потребно само при првата реченица, по што продолжувањето на комуникацијата може да се прави со едноставно зборење.
Ова овозможува да корисниците многу побрзо и поедноставно комуницираат во разните ситуации кога разговараат со некој кој што не говори на нивниот јазик.
Google Translate исто така добива можност која што беше најавена со купувањето на Quest Visual, компанија која што ја развиваше апликацијата Word Lens. Истоимената функција во Translate овозможува преведување на текстот на слики во вистинско време.
Тоа значи дека корисниците ќе можат да ја насочат камерата спрема одреден знак, на пример, по што веднаш ќе има биде прикажан преводот врз самата слика.
Преводите како и што би очекувале, на почетокот ќе бидат достапни на ограничен број на јазици, со што се најавува нивно зголемување со тек на време.
Надградбата за апликацијата на Android и iOS треба да биде достапна за корисниците во текот на наредните денови.
Извор: Google