iPhone веќе неколку години се задржа на само 8 мегапиксели за задната камера, но благодарение на одличните алгоритми за преработка на фотографиите, и натаму добро се носи и со поновите сензори на конкурентите од по 20 мегапиксели. Сепак, дојде време за промена – новиот iPhone ќе има целосно нова камера, која ќе понуди многу подлабоки бои и подобрен квалитет на фотографиите при ноќно сликање.
Новата камера на Apple се состои од три сензори, сите направени за да фаќаат една боја од спекарот – црвена, зелена и сина. Софтверот потоа ги комбинира трите слики за да се добие фотографија со висока јасност и длабоки бои, кои е невозможно да се постигнат со сегашните решенија.
Единечните сензори во денешните паметни телефони, имаат еден пиксел кој треба да ги фати сите бои, а за таа потреба вграден е Bayer филтер, кој ги дели зраците на 50% зелени, 25% црвени и 25% сини, оставајќи му на софтверот да ги распредели подеднакво, со што се намалува опсегот на боите и се зголемува шумот. Во превод, решението со три сензори ќе има три пати повеќе информации за боите отколку само еден сензор, како и многу помалку шум во ноќни услови.
Ваквото решение не е воопшто ново и се применува во многу видео камери, но она што го прави системот на Apple различен е новата леќа, која ќе ја распределува светлината на три различни зраци, кои потоа ќе допрат до сензорот. Ваквиот дизајн овозможува и леќа со оптички зум, но за тоа камерата би требала да биде поставена странично на телефонот, нешто што Apple не се очекува да го направи.
Од искуството со камерите со три сензори, новата камера на Apple треба да донесе значителни подобрувања во острината на фотографиите, длабочината на боите и многу појасни фотографии навечер, нешто што е слабост на сите телефони, поради помалите сензори во однос на дигиталните фотоапарати. Се уште не се знае со сигурност дали овој патент ќе биде применет кај новиот iPhone кој треба да пристигне годинава, но ако се случи тоа, дефинитивно ќе биде нов, силен удар кон конкуренцијата.
Извор: Forbes