Google веќе подолго време врши тестирање на нивниот систем за автономни автомобили возејќи по американските улици. До сега според нив тие имаат поминато повеќе од 2,5 милиони километри, од кои што 1,6 милиони се поминати во автономен режим на возење.
Огромниот број на поминати километри, кој што моментално е во просек по 16.000 километри неделно, се прави со цел да се собере што е можно поголемо искуство за тоа што се случува на улиците. Просечниот возач, кој што и не внимава доволно, не може да собере толку големо искуство за толку кратко време. Во основа, просечниот возач му треба цела година, ако не и повеќе, за да ја извози оваа недела на Google автомобилот.
Покрај тоа, автомобилот на Google е опремен со повеќе сензори кои што собираат податоци и го подобруваат алгоритамот задолжен за носење одлуки при возење. Тука треба да се земе во предвид и возачот кој што секогаш е во автомобилот и кој што многу повеќе внимава на тоа што се случува од обичните возачи.
Од досегашното искуство Google истакна неколку заклучоци кои што ги имаат донесено, како и некои статистики од возењето.
Па така, Google автомобилот досега бил дел од 11 сообраќајни несреќи од помал интензитет, односно без повреди на било која страна. Од компанијата истакнуваат дека во сите ситуации виновна за несреќите била другата страна, а во никој случај Google автомобилот. Повеќето несреќи вклучуваат удар од задната страна на автомобилот додека стоел на семафор, но и на градските автопати. Некои од ударите биле од страна, а имало и удари од автомобили кои што не застанале на „СТОП“ знак.
Возењето на автомобилот има дојдено до еден заклучок кој што кај нас веќе го знаеме. Голем број од возачите не внимаваат на патот додека возат. Тие често го проверуваат нивниот мобилен телефон, а имало и такви кои што читале книги, излегувале од нивните ленти и слично.
Искуството од поминатите километри исто така покажало дека едни од најопасните делови за возење се раскрсниците, каде што возачи поминуваат на црвено светло. Поради тоа, Google автомобилот бил прилагоден да тргнува нешто покасно по вклучување на зеленото светло, со цел да избегне потенцијални автомобили кои поминуваат на црвено.
Уште една работа која што ја истакнуваат од Google е дека забележале голем број на автомобили кои што при вртење се приклучуваат на погрешната страна од улицата, па возат во спротивниот правец. Оваа појава посебно се случува во ноќните часови, што не е за изненадување.
Извор: Backchannel, The Verge