Ако живеете сами перењето алишта е малтретирање, особено придружено од дополнителните активности како сушење, пеглање, диплење и складирање на облеката за да може да се користи. Кога се работи конкретно околу перењето, луѓето измислија машини за перење облека. Сушењето лесно се изведува со користење на сушало или најобична врвка оптегната меѓу два краја.
Е сега една групација која ги вклучува Panasonic, Daiwa House и Seven Dreamers ја создаде Laundroid – машина за перење, сушење, пеглање и диплење на облеката. Идејата се разбира е многу јасна – ја полните машината со алишта преку вечер и ја пуштате да работи, а наутро ве чека цел куп спремен за (зло)употреба.
Машината користи специјализирана вештачка интелигенција за да ги препознае облеките, нивната ориентација и форма па во однос на тоа да ги исуши и соодветно здипли. За жал, се` уште не е спремна да средува чорапи, но се приближува натаму. Засега кошули, маици и пантолони биваат средени одлично, па дури веројатно и попрецизно од вашата мајка/жена.
Времетраењето на целиот процес од пикање во машина до подготвена облека е околу 7 часа, што одговара да се пушти да работи навечер додека спиете. Засега не се знае цената ниту кога ќе стане достапна на пазарот, но се очекува тоа да биде наскоро па дури и во 2016 година. Да живее домашната технолошка револуција!
Извор: Engadget, Seven Dreamers, CNet