Една од најинтересните иновации во автомобилската индустрија е секако можноста автомобилот сам да управува, оставајќи го возачот да биде само обичен патник и да одмара додека стигне на својата дестинација.
Оваа технологија сега е во своите почетоци, па не знаеме дали може да се наречеме среќни што сме сведоци на нејзиниот развој или поинтересно ќе биде времето кога овие автомобили ќе бидат нормална работа за повеќето, како што имаме видено во многу НФ филмови.
За разлика од футуристичките концепти, како тој на Google, каде што автомобилот целосно сам управува и нема ни волан за возачот, Tesla почна постепено да воведува систем којшто со тек на годините ќе стане целосно автономен.
Наречен Tesla Autopilot, за овој систем можевме да прочитаме пред неколку месеци кога веќе за првпат пуштен како надградба на Model S моделите. Возачот се препорачува да продолжи да ги држи рацете на воланот, а автомобилот самиот може да ја прилагодува брзината, да ги менува лентите, па дури и да се паркира.
Една од најинтересните работи е можноста преку мобилна апликација да се „повика“ автомобилот, односно да се вклучи, да излезе од гаражата или паркингот и да дојде до локацијата од каде што возачот само ќе излезе од дома и ќе влезе во својот спремен за возење автомобил.
Во видео направено специјално за промовирање на Autopilot, Tesla покажува на што се способни нивните автомобили, а и како ја замислува оваа функција.