Ако често дремете на Јутјуб, веројатно сте налетале на видео од браќата Пол (Логан и Џејк). Постариот од двајцата (Логан), се најде во небрано на почетокот на годинава кога објави видео во кое се гледаше мртво тело (на човек кој се самоубил во шума во Јапонија која е ноторна по тоа што таму често се извршуваат самоубиства).

Оттогаш, тој се обидува да се искупи на различни начини, но не му оди баш најдобро. Кратко време по неговото враќање на Јутјуб објави влог во кој пука со тејзер во мртов стаорец. Направи и cheesy видео со кое велеше дека „научил важна лекција и созреал како резултат на искуството“. Сепак, имам впечаток дека сите негови такви обиди се лицемерни, и дека тој всушност не го мисли тоа што го кажува.

Но, Логан е омилено дете на Јутјуб. Поради тоа, тој може да прави што сака без сериозни последици од неговите постапки кои Јутјуб вообичаено брзо ги казнува.

Пред неколку дена се одржа боксерски меч кој се покажа екстремно лукративен за браќата Пол. Логан и Џејк боксуваа во распродадената арена во Манчестер против еднакво популарни Јутјубери од Англија (КСИ боксуваше со Логан, додека братот на КСИ – DEJI, боксуваше со братот на Логан – Џејк).

Натпреварот беше најавуван како најголем Јутјуб настан на сите времиња. Судејќи по бројките кои беа објавени по мечот, тоа можеби и не е далеку од вистината. Според некои проценки, мечот генерирал повеќе од 11 милиони долари од продадени карти и онлајн стримови. А Пол и КСИ ќе искешираат многу повеќе од таа сума.

Мечот заврши без победник. Некои велат и дека бил „наместен“, и дека е организиран само за да донесе големи пари. Но, мечот е и извонреден бизнис потег. Реваншот треба да се одржи наредната година во САД.

Тогаш обајцата ќе заработат уште повеќе од овој натпревар. Се отвора вратата и за идни натпревари меѓу други познати Јутјубери. А Логан Пол ќе продолжи да си биде Логан Пол, само на уште поголеми скалила од ова (веќе изрази желба да се натпреварува во УФЦ).

Претходна статијаКако никогаш повеќе да не заборавиш лозинка
Следна статијаРСБСП: Одличен 5 ако внимаваш на децата во сообраќајот