Village Roadshow, компанијата која соработува со Warner Bros како ко-финансиер за повеќе филмови, како и за најновиот The Matrix Resurrections, ги тужи Warner Bros поради пуштањето на овој филм на HBO Max заедно со пуштањето на филмот во кината.
Обично филмовите својата премиера ја имаат во кино салите низ светот, по што стануваат достапни и на стриминг платформите. Според Village Roadshow, Warner Bros намерно го има пуштено The Matrix Resurrections и на HBO Max уште од самиот почеток со цел да го зголеми бројот на претплатници на овој нивни сервис.
Поради ова, филмот нема заработено ни приближно колку што се очекувало, а едвај е достигната сумата која била потрошена за неговата изработка.
Според Village Roadshow, од Warner Bros им имаат исплатено на главните актери одредени суми за да им надоместат за послабата заработка во кино салите, а од компанијата тврдат дека сличен надомест им е даден и на ко-финансиерите на филмот Dune кој исто така е достапен на HBO Max.
Оваа компанија има повеќе годишна соработка со Warner Bros за повеќе филмови меѓу кои и првите три дела од The Matrix, како и Joker и Oceans филмовите.
Village Roadshow продолжуваат со примери за филмови кои Warner Bros ги имаат одложено за оваа година, а ќе се прикажуваат ексклузивно прво во кината, како и Spider Man: No Way Home кој беше прикажуван во кината минатата година.
Од Waner Bros ги негираат тврдењата на Village Roadshow и истакнуваат дека не се сомневаат дека случајот ќе заврши во нивна корист.