Како и за многу други области, еден од најпопуларните делови од научно фантастичните филмови почнува да станува реалност, со сите предности, но и проблеми кои потенцијално ги донесува.
Компанијата 1X го претстави нивниот хуманоиден робот наречен Neo кој изгледа ќе биде првиот ваков производ кој официјално започнува да се користи во домовите на корисниците.
Neo официјално стана достапен во пред-нарачка, а ќе почне да им се доставува на корисниците од идната година. Цената очекувано е доста висока, па Neo се продава по цена од 20.000 долари.
Роботот е замислен да може да ги извршува сите домашни обврски за корисникот, а поради тоа што е направен со вештачка интелигенција и големи јазични модели, тој може и да комуницира, да го разбира корисникот, да му дава генерални одговори и слично.
На крајот, Neo треба да е способен да се подобрува со тек на време и да учи дополнителни способности.

За почеток, Neo ќе може независно да извршува само неколку активности, како отворање на врати, носење на предмети, вклучување на светлото и слично.
Доколку корисниците сакаат повеќе активности, како перење алишта, местење кревети, чистење и слично, ќе мора да дозволат контрола на Neo од страна на вработените на 1X.
Тоа ќе се дозволува преку апликацијата за Neo, а исто така значи овозможување на вработените да гледаат се во домот, со исклучок на лицата на корисниците, како и одредени забраните соби.
Презентацијата на Neo од страна на директорот на компанијата Бернт Борнич можете да ја погледнете во продолжение.











































