Фото: Shutterstock.com

Apple го тргна нивниот порано најмоќен Mac компјутер од нивната веб страна и со тоа официјално го откажа развојот на овој десктоп компјутер. Mac Pro како што се претпоставуваше и најавуваше, веќе нема да има нови верзии, а најмоќниот компјутер од Apple сега официјално станува Mac Studio. 

Ваквата одлука е очекувана и логична по претставувањето на првиот М чип од компанијата, кој во себе ги содржи сите компоненти, вклучувајќи го и графичкиот чип. Поради тоа, станаа можни малите форми на компјутери, како Mac mini и Mac Studio, но сега со перформанси и моќ како најдобрите на пазарот, односно како што дотогаш можеше да се очекува само од Mac Pro. 

Единствената предност на Mac Pro остана можноста да се додаваат PCIe картички, но и тоа е решено со надворешни уреди кои се поврзуваат со Mac Studio. 

Со тоа, постоењето на Mac Pro стана непотребно, па последната верзија која беше претставена во 2023 година, е и последната верзија од овој легендарен компјутер. 

Последниот Mac Pro дојде со М2 Ultra чипот, а со неговото претставување беше претставен и Mac Studio со истиот чип. Уште тогаш се поставуваше прашањето која е поентата на постоењето на Mac Pro, но од Apple тогаш изгледа сѐ уште не беа подготвени да се откажат од овој познат компјутер. 

Инаку, дека иднината на компјутерите од Apple е во формат кој не ги вклучува класичните десктоп куќишта, можеше да се види од непопуларниот редизајн на Mac Pro кој беше пуштен во 2013 година. 

Овој дизајн остана познат како „корпа“ дизајн, односно уредот доби дизајн во форма на цилиндар кој ги изгуби повеќето можности за додавање на различни картички, како и надградба на компонентите. 

Според некои коментари, овој Mac Pro не бил лошо дизајниран, само бил доста пред времето. 

Apple го враќа форматот на десктоп куќиште во 2019 година, додека сѐ уште функционираа со чиповите од Intel, но подоцна не видовме многу надградби. 

Mac Studio, како најмоќниот во понудата, оваа година се очекува да добие надградба со M5 Ultra чипот, а доколку се земат како пример достапните M5 Pro и Max чипови, Mac Studio со M5 Ultra ќе биде можеби еден од најмоќните на пазарот.