Фото: Shutterstock.com

По објавата во неделниот билтен дека Apple ќе користи посебно развиени Gemini јазични модели за новата верзија од Siri, сега Марк Гурман излезе со дополнителни детали. 

Според најновите информации од Гурман, Google развива посебен голем јазичен модел од Gemini, кој ќе функционира на серверите од Apple и кој доаѓа со доста поголема способност од тоа што е сега достапно, а посебно од сегашните Apple Intelligence модели. 

За ова Apple ќе му плаќа на Google 1 милијарда долари годишно, но тоа може да се каже дека е ништо во споредба со тоа што Google им го плаќа на Apple за поставување на Search како главен пребарувач. Google им плаќа на Apple околу 20 милијарди годишно. 

Интересно, Гурман веднаш после оваа објава преку X објави дека јазичните модели кои ги развиваат во Apple исто така се добри и способни, па од компанијата работат на модели со слични способности. 

Тоа значи дека во иднина од Apple планираат да ги користат своите модели, а уште од почеток тие ќе се користат во комбинација со моделите од Gemini. 

Едно е сигурно, Apple идната година ќе го реши „проблемот“ со интеграцијата на функции со вештачка интелигенција, па иако засега тоа не им претставува некаков проблем на корисниците, се верува дека во иднина би почнало.