Фото: Apple

Apple вчера официјално го презентира нивниот начин на имплементација на генеративната вештачка интелигенција. Од компанијата доцнат барем една година зад другите, а типично за Apple, имплементацијата беше одлично презентирана и изгледа доста подобро направена од таа кај конкурентите.

Точни беа најавите дека Apple ќе даде посебно значење на корисноста на функциите со ВИ, односно ќе бидат така имплементирани да корисниците навистина ќе им користи и ќе сакаат да ги користат. Секако, тука е и одличниот дизајн по кој се секогаш познати од компанијата.

Втората работа која беше истакната како главна карактеристика е приватноста на овие нови функции. Тие во главно функционираат локално на самиот уред, а корисниците ќе треба да го имаат ланскиот A17 Pro чип или било кој од М чиповите на компанијата.

За поголемите барања, односно потребата од поголеми јазични модели, Apple разви посебни сервери кои треба да се приватни, а гаранцијата за тоа истакнуваат дека може да се потврди од независни страни.

Овие сервери се наречени Private Cloud Compute и како што беше најавено тие функционираат на начин на кој ни Apple не може да има пристап до податоците кои се обработуваат.

Уште една работа се покажа како точна, а тоа е соработката на Apple со OpenAI. ChatGPT ќе биде дел од имплементацијата на ВИ во производите од компанијата, а корисниците ќе можат да изберат дали сакаат барањето да го испратат до овој „четбот“.

За ова исто така се истакнува дека ќе биде направено на приватен начин, односно корисниците нема да има потреба да користат OpenAI сметка, а до компанијата нема да бидат испраќани IP адресите од корисниците.

Начинот на којшто ќе биде имплементиран Apple Intelligence ќе можат да се види кај повеќето апликации од компанијата, а на крајот и кај Siri. Овој персонален асистент станува доста попаметен, а добива и ново лого и анимација кога се користи.

Со Siri сега ќе може да се комуницира на многу поприроден начин, односно асистентот ќе може да разбере што кажува корисникот без проблеми. Разговорот ќе може да се продолжи со земање во предвид на значењето, односно на што е претходно кажано без да мора да се започне нов разговор.

Siri сега ќе може да дава посложени одговори, како објаснување како корисникот да направи нешто на неговиот уред, а ќе може да прави и активности како промена на контакт информациите врз основа на добиена порака и слично.

Овој асистент ќе може да разбира барања како „Пушти ја песната која ми беше пратена од Бојан пред неколку дена“ и слични сложени барања.

Apple Intelligence е интегрирана целосно во новите iOS 18, iPadOS 18, како и macOS 15 Sequoia, а корисниците ќе бидат во можност да ги видат предностите на повеќе начини.

Корисниците ќе можат да добијат помош при пишување на имејл, текст или слично со нови функции како Rewrite која овозможува „подобро“ пишување на текстот од тоа што го има напишано корисникот. Корисниците исто така ќе можат да ја проверат граматиката и интерпункцијата на текстовите, а секако, тука е и можноста за креирање на текст целосно од почеток.

Apple Intelligence исто така е тука за да направи сумирање на најважните пораки во Mail, а и да ја сумира содржината под насловот, наместо да ги прикаже првите реченици. Вакво сумирање ќе се прави и за известувањата, па корисниците ќе ги добиваат тие кои се важни за нив, а ќе биде сумирана и содржината во „кратки црти“.

Корисниците добиваат и можност за креирање на „емоџи“ икони врз основа на насоки, а овие икони од Apple ги нарекуваат „Genmoji“.

Посебно се истакнува функцијата за креирање на слики, Image Playground, која покрај тоа што е интегрирана во неколку апликации, како Messages, Notes, Pages и слични, достапна е и како посебна апликација.

Корисниците ќе можат да креираат секакви слики, а за тоа ќе треба да дадат неколку насоки, а Image Playground ќе им помогне во истото.

За крајот, Apple Intelligence доаѓа и кај Photos апликацијата, место каде што исто така има голема важност. Apple презентира можност за „чистење“ на сликите од непотребни објекти, па корисниците ќе можат да тргнат одредени работи кои не би сакале да ги има на сликите.

Photos апликацијата, која е редизајнирана, добива помош од Apple Intelligence и за креирање на албуми, „сеќавања“, како и можност за многу поприродно пребарување за слики.

ИЗВОРApple
Претходна статијаБидете „најдобар стрелец“ за време на спортското лето со 8K на Samsung
Следна статијаYoung Dadi, Matej Foltz и Zee Bomb ја промовираа новата песна „Место“
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.