Со пуштањето на iOS 17.2 надградбата вчера, Apple ја донесе и претходно најавената Journal апликација за сите корисници. Оваа апликација е замислена како место каде корисниците ќе ги запишуваат нивните важни моменти во текот на денот, а тоа ќе можат да го направат користејќи текст, слики, видеа, аудио.
Уште поинтересно, Journal е поврзана со други апликации, па во неа може да се додадат одредени локации каде бил корисникот, да се додадат завршени тренинзи зачувани во Fitness апликацијата, а преку Journaling Suggestions API алатката програмерите на апликациите ќе можат да ја додадат својата апликација.
Посебна важност се дава на предлозите кои може да ги даде Journal за правење на нов запис, а истите ги прави врз основа на активностите на корисникот во текот на денот.

Apple посебно истакнува дека сето ова е направено со запазување на приватноста, па предлозите се генерираат на самиот уред, не на серверите од компанијата, а и содржината на апликацијата е заштитена со од-крај-до-крај шифрирање.
„Возбудени сме што ќе ги донесеме придобивките од пишувањето на дневник на повеќе луѓе“, рече Боб Борчерс, потпретседател на Apple за маркетинг на производите. „Journal го олеснува зачувувањето на богатите и моќни спомени и практикување благодарност со интелигентно курирање на информации кои се лични за корисникот, директно од неговиот iPhone.“
Апликацијата не треба да се инсталира, односно истата автоматски се инсталира по надградбата на iOS на 17.2.