Фото: Shutterstock.com

По неофицијалните најави од страна на Марк Гурман уште од јуни минатата година, Google и Apple официјално ја објавија својата нова соработка, покрај таа за Search. Gemini јазичните модели од Google ќе се користат за новата и понапредна верзија од Siri, како и за другите Apple Intelligence функции. 

Според информациите, за почеток Siri ќе ги добие најавените функции од пред две години, но од iOS 27 овој дигитален асистент ќе добие многу повеќе ВИ функции кои ќе бидат во правецот на популарните „четботови“. 

За оваа уште понапредна верзија од Siri Гурман најавува дека ќе се користат и серверите од Google, односно нивните понапредни и веќе развиени „tensor processing units“, наместо Apple Private Compute серверите. 

Што ова ќе значи за приватноста на корисниците, а и угледот на Apple на овој план, ќе мора да почекаме до официјалната најава на новите функции, но сепак се верува дека од компанијата работат на развој на понапредни верзии од своите сервери, па користењето на тие од Google изгледа би било само привремено. 

Во најновиот неделен билтен од Гурман, тој најавува дека најавата на новата и понапредна верзија од Siri, таа што беше најавена во 2024, може да се очекува во втората половина од идниот месец, односно февруари. 

Најавата се очекува да биде во било каква форма, односно може да биде посебен настан или нешто помало, но од компанијата на некој начин ќе ги презентираат новите функции. 

Овие функции, како што веќе беше истакнато, ќе функционираат на основа на Gemini јазичните модели, но од компанијата не се очекува дека тоа ќе го истакнат. Функциите ќе функционираат на Apple Foundation Models верзија 10, која е направена на основа на Gemini, но Apple нема да навлегува во позадинскиот дел. 

Заедно со презентацијата на новата верзија од Siri, се очекува и достапност на истата преку пуштање на првата бета верзија од iOS 26.4, верзија која за сите корисниците се очекува за март или почетокот на април. 

Во билтенот Гурман се задржува и на промените во директорските позиции поради слабиот развој на сопствените јазични модели, како и ставањето на пауза на одредени нови функции поради целосната промена на плановите и соработката со Google. 

Кратко кажано, наместо пуштањето на нови верзии од Safari, која требаше да добие повеќе ВИ функции, сега изгледа се планира интеграција на Siri во сите овие апликации, наместо развој на посебни функции за секоја апликација посебно. 

Појавата на генеративната вештачка интелигенција со големите јазични модели, очигледно се покажа како проблем за Apple, па по губењето на доста вработени и директори, одлуката да се соработува со Google изгледа ќе се покаже како одлична. 

Гурман истакнува дека на почеток Apple не размислувале за соработка со Google, но брзиот развој на Gemini за само неколку месеци, како и проблемите со OpenAI, а и големата сума на пари која ја барале од Anthropic, на крај „победува“ Google.