Третиот и последен ден од неделата на нови Mac компјутери ги донесува новите MacBook Pro, како што се очекуваше, три нови модели. Претставени се MacBook Pro 14 инчен со М4 чипот, како и MacBook Pro 14 и 16 инчни модели со M4 Pro и M4 Max чиповите.
Трите модели ги донесуваат подобрувањата на M4 серијата на чипови, а како што веќе заклучивме, најголемата разлика која ја донесуваат овие чипови е кај NPU, односно процесорот за вештачка интелигенција.
Лаптопите не добиваат никаква промена на изгледот, а од најавата може да се види дека сепак неофицијални видеа од Русија навистина беа од новите модели.
Новина кај уредите е можноста да се избере екран со нано-текстура за помал отсјај во светла околина, а тука е и поддршката за Thunderbolt 5 кај моделите со M4 Pro и M4 Max.
Камерата е надградена и сега истата доаѓа со 12 мегапиксели, стандардно со Center Stage функцијата која го следи корисникот доколку се движи пред компјутерот.

Една од поголемите новини на кои одамна се чека, а Apple добиваше и критики е вградувањето на 16GB обединета меморија кај сите нови модели, па корисниците на не баш евтините компјутери од компанијата веќе не мора да користат 8GB во 2024 година.
MacBook Pro 14 инчен со M4 чипот доаѓа со до 32GB обединета меморија со брзина до 120GB/s и три Thunderbolt 4 приклучоци. Чипот доаѓа со 10 јадрен процесор кој има 4 јадра за перформанси и 6 за заштеда на енергија, како и со 10 јадрен графички процесор.
Моделите со М4 Pro донесуваат посериозни карактеристики кои вклучуваат 14 јадрен процесор со 10 јадра за перформанси и 4 за заштеда на енергија. Графичкиот процесор е со 20 јадра.
Во случајот со моделите со M4 Max, процесорот доаѓа со 16 јадра, додека графичкиот процесор со 40 јадра.
MacBook Pro доаѓаат со поголема максимална светлина, како и можност да се поврзат до два надворешни екрани заедно со екранот на уредот отворен. Ова беше една од критиките кај претходните модели кои можеа да поврзат до два монитори, но за да функционираат лаптопот мораше да се затвори.
MacBook Pro со новите M4 чипови имаат што да понудат за различните потреби на корисниците и остануваат едни од најдобрите на пазарот.