Apple ја направи една од најдобрите одлуки кои доста ја зголемија популарноста на Mac компјутерите, кога во 2020 година започна да користи чипови развиени од нив и направени на ARM архитектурата.
Со тргањето на соработката со Intel, Mac компјутерите добија доста моќни и штедливи чипови, па годините понатаму покажаа што значеше оваа промена.
Според неофицијални информации, објавени од страна на познатиот Минг-Чи Куо, Apple повторно ќе започне соработка со Intel, но тоа не значи враќање на поранешниот стил на соработка, односно од компанијата нема повторно да користат Intel чипови во нивните компјутери.
Соработката наводно треба да биде само за производството на чиповите, поточно основните верзии од M чипот, односно тие кои се користат кај MacBook Air, основниот MacBook, како и кај iPad Pro, а се користат и кај основните верзии од Mac mini и iMac.
Првите чипови дизајнирани од Apple, а произведени од страна на Intel, наместо од TSMC, треба да ги видиме од 2027 година, според информациите.
До тогаш Intel веќе треба да се префрли на својот 18A процес на производство, кој ќе биде под 2nm, па корисниците не би требало да добијат нешто полоша верзија од таа произведена во TSMC.
За останатите верзии од M чиповите, производството ќе остане кај TSMC, а тоа сепак е поголемиот дел, што значи дека оваа компанија ќе го задржи најголемиот дел од соработката.
Како една од причините поради кои Apple се одлучуваат на соработка со Intel, доколку тоа навистина испадне така, е префрлување на дел од производството во САД, нешто кое е големо барање од страна на администрацијата на Доналд Трамп.










































