Европската Комисија во текот на вчерашниот ден објави дека до Apple имаат испратено прелиминарни заклучоци со кои компанијата се информира дека го имаат прекршено новиот Закон за дигитални пазари (DMA).
Прекршувањето се однесува на делот во кој Apple се должни да им овозможат на програмерите бесплатно да ги упатат корисниците на алтернативни места каде можат да ја купат нивната содржина.
Според ЕК, Apple овозможува да се постават линкови во нивните апликации кои ќе ги однесат корисниците до други начини да платат, односно да купат содржина и производи, но тие не смеат да ги стават цените во самата апликација.
Дополнително, Комисијата смета дека процентот кој потоа од компанијата го наплаќаат, доколку корисникот купи нешто преку тој линк во наредните седум дена, е непотребно висок, односно изнесува 27%.
Ова е нешто што се очекуваше, односно јасно беше дека Apple не планираа да им олеснат на корисниците да излезат од дотогаш строгите правила на компанијата, а поради закони во ЕУ кои константно беа критикувани.
Apple има право на жалба на овие заклучоци за кои дефинитивно треба да се одлучи до март идната година, а казните доколку се спроведат се доста високи.
Од Европската Комисија информираа и дека имаат отворено дополнителни истраги за други прекршувања на DMA од страна на Apple. Тие се однесуваат на Technology Fee, новиот надоместок кој Apple го воведе поради новите закони. Тој изнесува 0,5 евра по инсталирана апликација кога истата ќе помине 1 милион инсталации.
Овој надоместок се однесува на сите апликации без разлика од каде се инсталирани.
Apple не се единствените „компании чувари“ кои се под истрага на Европската Комисија за прекршување на новиот закон. Комисијата има отворено истраги и против Alphabet, па ќе видиме во периодот што следи какви ќе бидат заклучоците и за другите компании.