Во подготовка подолг период и достапен како ограничена бета верзија, прелистувачот Arc од The Browser Company ја доби својата прва официјална верзија. Arc 1.0 е достапен за симнување за сите корисници, но засега само на macOS и iOS. Од компанијата најавуваат и Windows верзија, но ќе видиме кога истата ќе стане достапна.
Arc прелистувачот е направен на основа на Chromium кодот, но тука завршуваат сличностите со Chrome или било кој друг прелистувач на пазарот.
Од компанијата сакаат на корисниците да им понудат целосно различно корисничко искуство, односно различен начин на „сурфање“, па со тоа се гледа и дека Arc е повеќе наменет за „понапредните“ корисници, иако е доволно едноставен за сите.
Arc веднаш се забележува дека ја нема стандардната за другите лента на горниот дел. Функционирањето со страните, односно со „табовите“ во Arc се прави преку лента на левата страна, која е и главниот дел на апликацијата.
Во овој дел корисниците во комбинација ги гледаат нивните омилени зачувани страни, како и отворените страни кои не се зачувани. Замислата е да зачуваните страни се секогаш достапни, а најважните може да се прикачат за да не се бараат во папката со другите.
Arc прелистувачот големо значење дава и на функцијата Spaces која овозможува менување на „режимот“ на прелистувачот, односно поделба на страни отворени за работа, забава, за дома и слично.
Во основа, од компанија сметаат дека интернет прелистувачите треба да бидат посложени, односно да се споредат со оперативните системи, па тие сакаат да создадат еден вид на платформа за интернетот, наместо обична и едноставна апликација.
Arc прелистувачот може да се симне од оваа страна, а во продолжение можете да го погледнете видеото каде од компанијата на кратко го објаснуваат начинот на функционирање на апликацијата.