Фестивалот БЕАМ, единствената платформа во Македонија која ги наградува најдобрите настани и ги истакнува најуспешните проекти во индустријата за настани, ги објави финалистите за оваа година.
Годинава на БЕАМ пристигнаа и квалитетни и иновативни проекти и професионално реализирани настани кои ја одразуваат динамиката и растот на индустријата. Финалистите се распределени во 10 категории, опфаќајќи културни и музички настани, корпоративни проекти, бренд активации, спортски и хуманитарни настани, како и конференции, што сведочи за разновидноста и креативноста во оваа сфера.
Жири комисијата е составена од докажани и искусни професионалци од областа на културата, креативните индустрии, маркетингот, продукцијата и live комуникациите. Оваа година тие се соочуваат со навистина тежок избор, бидејќи конкуренцијата е силна, а пријавените настани поставуваат нови стандарди во индустријата. Оценувањето се врши според однапред утврдени и јавно објавени критериуми.
„Не радува што оваа година имаме одлични апликации кои покажуваат високо ниво на иновативност и професионализам. Ова е доказ дека БЕАМ е платформата што недостасуваше во нашата индустрија. Жирито има сериозна задача да ги избере најдобрите, а ние со нетрпение ја очекуваме гала вечерта кога ќе ги прогласиме победниците,“ – изјави Маја Бабиќ, директор на БЕАМ.
Гала церемонијата и официјалното прогласување на победниците ќе се одржи на 4 март, на која ќе присуствуваат финалистите, клиентите, медиуми и истакнати личности од индустријата и јавниот живот. Оваа вечер ќе биде посветена на креативноста, иновативноста и високите стандарди во организацијата на настани.
Фестивалот БЕАМ започна во 2023 година како единствена платформа за валоризација на креативноста и извонредноста во индустријата за настани во Македонија. Со секое ново издание, БЕАМ поставува нови стандарди и ја истакнува важноста на настаните како клучен дел од современата комуникација, маркетинг стратегии и културниот развој. Фестивалот е место каде што креативноста, иновацијата и професионализмот добиваат заслужено признание.








































