Фото: Anthropic

Anthropic објави голема новост за корисниците на Claude. Вештачката интелигенција сега може директно да го користи компјутерот на корисникот. Преку Claude Cowork и Claude Code, ВИ може да го контролира глувчето, тастатурата и интернет прелистувачот, да отвора датотеки и да завршува задачи наместо корисникот. 

Функцијата е достапна во тест фаза, за почеток само за Pro и Max претплатниците на macOS.

Принципот е едноставен, а Claude прво се обидува да ги користи директните интеграции со сервисите како Slack или Google Calendar. Кога таква конекција не е доволна, тој преминува на директна контрола на екранот, клика, скролува, пишува, отвора апликации. Секогаш бара дозвола пред да пристапи до нова апликација, а корисникот може да го запре во секој момент.

Фото: Anthropic

Работите стануваат уште поинтересни со функцијата Dispatch, која беше претставена минатата недела. Dispatch овозможува да му испратите задача на Claude преку мобилната апликација, а тој да ја заврши на вашиот десктоп компјутер.

Anthropic нуди и конкретни примери за употреба: автоматско проверување на е-пошта секое утро, повлекување метрики на неделно ниво, правење промени во IDE, пуштање тестови и креирање „pull request”. 

Сепак, компанијата е искрена дека технологијата е во рана фаза. Комплексните задачи понекогаш бараат повеќе обиди, а работата преку екранот е побавна од директните интеграции. Дополнително, засега функцијата работи само на macOS, а десктоп апликацијата мора да биде активна.

Од безбедносен аспект, Anthropic има вградено заштита од „prompt injection” напади, па системот автоматски скенира активации во моделот за да детектира сомнителна активност. Одредени апликации се стандардно блокирани, а корисниците се советуваат да не работат со чувствителни податоци преку оваа функција.

Ова е јасен сигнал каде се движи целата ВИ индустрија, од помошници кои одговараат на прашања, кон агенти кои самостојно извршуваат задачи. Claude сега не е само софтвер со кој разговарате, туку виртуелен работник кој може да ви го замени рутинскиот дел од денот.