Фото: Shutterstock.com

Повеќето други поголеми и популарни сервиси веќе имаат поддршка за оваа доста побезбедна алтернатива на лозинките, па конечно поддршка за „passkeys“ почнуваат да пуштаат и од Meta. 

Можноста за креирање и најава со „passkeys“ за почеток добива Facebook и тоа само преку мобилните, односно преку апликацијата на Android и iOS. 

Во месеците што следат „passkeys“ ќе можат да се користат и на Messenger апликацијата, а од Meta истакнаа дека истиот клуч од Facebook ќе може да се користи и на оваа апликација, а со тек на време и на другите апликации од компанијата. 

Поддршката за „passkeys“ може да се очекува кај сите апликации од компанијата, па со тек на време истата ќе биде пуштена, а ќе може да се користи и преку било кој уред. 

Вклучувањето на „passkeys“ во Facebook апликацијата се прави преку Settings, во делот Accounts Center, па Passwords and security. Можноста за креирање и зачувување на овие клучеви веќе е вградена во повеќето оперативни системи, а може да се користат и апликациите за лозинки како Bitwarde, 1Password и слични. 

За потсетување, „passkeys“ се алтернативен начин за регистрирање и најава на онлајн сметките без користење на лозинка. Корисниците се што внесуваат е корисничко име, а делот за лозинката се менува со овие клучеви кои се чуваат на самиот уред од корисникот. Нивното искористување е врзано со заштитата на уредот и се активира на истиот начин на кој корисниците го отклучуваат нивниот уред, односно преку ПИН, отисок од прст, Face ID и слично. 

За разлика од лозинките, со користењето на ваквите клучеви не постои нешто што може да биде погодено од страна на хакерите, па можноста за пробивање на сметката е многу помала.