Фото: Shutterstock.com

Француските пратеници официјално го одобрија новиот закон со кој се забранува пристапот до социјалните мрежи за децата под 15-годишна возраст. Оваа мерка доаѓа како одговор на растечката загриженост за менталното здравје на тинејџерите, изложеноста на несоодветни содржини и сè почестото сајбер-насилство кое ги преплавува платформите како TikTok, Instagram и Snapchat. 

Со овој потег, Франција станува една од првите земји во Европа која поставува јасна законска бариера за „дигиталното полнолетство“, принудувајќи ги технолошките гиганти да преземат одговорност за своите најмлади корисници.

Неодамна, Австралија го забрани користењето на социјалните мрежи од страна на корисниците помлади од 16 години. 

Според новата регулатива, социјалните мрежи ќе мора да воведат строги системи за верификација на возраста, а доколку не успеат да го спречат пристапот на малолетниците, се соочуваат со високи казни. 

Иако мотивот на властите во Париз е заштита на новите генерации од дигитална зависност, спроведувањето на овој закон во пракса отвора многу поширока и поопасна дебата која ги засега сите граѓани, а не само децата.

Она што е особено интересно е што овој потег на Франција целосно се вклопува во пошироката амбиција на Европската Унија и другите развиени земји за воведување на задолжителна дигитална идентификација. Идејата за „дигитална идентификација“ или официјален онлајн идентитет веќе не е само теорија, туку проект на кој Брисел активно работи. За да се потврди дека еден корисник има над 15 или 18 години, платформите ќе мораат да бараат официјален документ или биометриски податок, што де факто значи крај на анонимноста на интернетот.

Оваа желба за дигитален ред носи со себе и низа негативни аспекти кои не смеат да се занемарат. Првиот голем ризик е создавањето на огромни централизирани бази на податоци каде што приватни корпорации ќе имаат увид во личните документи на милиони луѓе, што е „одлично“ за хакерски напади и злоупотреби. 

Понатаму, задолжителната идентификација го уништува концептот на анонимност, кој е клучен за слободата на говор и заштитата на „свиркачите“ или активистите. Наместо слободен простор за размена на идеи, интернетот под палката на дигиталната идентификација може да се претвори во средина на постојан надзор, каде што секој клик и секоја активност се директно поврзани со матичниот број на корисникот.

Дополнително, се јавува и проблемот со технолошката дискриминација, бидејќи оние кои од оправдани причини сакаат да ја зачуваат својата приватност или немаат пристап до софистицирани методи за верификација, ризикуваат да бидат целосно исклучени од современите комуникациски канали. 

Францускиот закон за забрана на социјални мрежи за деца можеби е само првата коцка од доминото која ќе доведе до свет каде што „покажувањето лична карта“ ќе биде задолжително за секој влез во дигиталниот свет, оставајќи ја приватноста како концепт од минатото.

Покрај ова, новиот закон донесува и забрана за користење на паметните телефони во училиштата, нешто на кое не можам да најдам критика, како со можноста за барање на дигитална индентификација. Во основа, за користењето на социјалните мрежи, како и телефоните генерално, поголема одговорност треба да преземат родителите.