Гледајте го официјалното претставување на Surface Duo од страна на одличниот Панос Панај

Како и сите други презентации на производи овој период, Microsoft направи онлајн презентација на нивниот повторен обид за влез на пазарот на мобилни уреди

Иако најавен за празничниот период во САД за оваа година, што е декември, Surface Duo дојде на пазарот нешто порано, како што покажуваа и неофицијалните информации изминатите месеци. За разлика од поголемиот уред од истата категорија, односно со два екрани, Surface Neo, кој ќе биде претставен дури идната година, наместо до крајот на оваа, Microsoft реши дека сепак претставувањето на мобилен уред е поважно, со оглед на тоа дека на Surface линијата на хибридни уреди им оди одлично.

Surface Duo, а тоа добро може да се види од презентацијата, не е замислен да им конкурира директно на мобилните уреди, ниту на тие со екрани кои се превиткуваат. Microsoft сака да креира нова категорија на мобилни уреди кои се насочени кон продуктивноста на луѓето, односно уреди кои ќе овозможат работа со уред кој го собира во џебот, слична со таа на компјутерите.

Целата презентација ги истакнува предностите од работа со два екрани, со што се трга потребата да се гледа по една апликација во исто време, а тука се и можностите за интеракција помеѓу нив.

Би ставиле само знак прашалник на одлуката за цената на Surface Duo од 1.399 долари, а остатокот дефинитивно делува како одличен производ кој ќе го продолжи успехот на Surface производите од Microsoft.