Со големата популарност на генеративната вештачка интелигенција, а Google се меѓу врвот на пазарот, јасно беше дека овие алатки ќе почнат да стануваат дел од интернет прелистувачите.
Како нова конкуренција на Google Chrome почнаа да се појавуваат прелистувачи кои се направи од компаниите кои работат со развој на вештачка интелигенција и големи јазични модели, а тука се Comet од Perplexity, вакво нешто се најавува и од OpenAI, како и Dia од The Browser Company.
Треба да се истакне и Microsoft кои го најавија Copilot Mode во Edge прелистувачот, па полека ни станува јасно како ќе изгледаат прелистувачите во наредните неколку години.
Добро е што тука се Vivaldi кои се обидуваат да одолеат на трендот, но ќе видиме колку долго.
Google најави додавање на 10 нови функции кои се направени на основа на вештачката интелигенција, а со нив Chrome дефинитивно станува ВИ прелистувач.
За почеток овие новини ќе бидат достапни само во САД и за англиски јазик, но со тек на време ќе им бидат пуштени на сите корисници во светот.
Првата, а може да се каже и главна новина е целосната интеграција на Gemini во прелистувачот. Копче од Gemini, слично како Copilot во Edge, ќе биде додадено на горната десна страна од прозорот. Корисниците ќе можат да притиснат на копчето и да добијат информации за страната која е отворена во моментот, како и да постават прашања.
Ова може да биде проширено и на повеќе отворени страни, па „табовите“ кои корисниците ќе ги додадат по притискање на Gemini копчето, ќе можат да се споредат, доста корисно за ситуации како на пример споредба на локации за одмор и слично.
Google Chrome ќе ја добие и една од најпопуларните и напредни ВИ функции, а тоа е Gemini агенти. Во основа, со агентите корисниците добиваат можност да тие во нивно име „сурфаат“ и извршуваат одредени активности, како што е купување на производи од продавници, резервација на хотели и слично.
Gemini добива и пристап до историјата на отворени страни, па со тоа корисниците ќе можат полесно да најдат некоја страна дури и кога не им текнува која е и кога ја имаат отворено. Со кратко опишување на тоа што го бараат, Chrome со Gemini ќе им ја најде бараната страна.
Очекувано и доста корисно, Gemini во Chrome ќе добие интеграција и со Google апликациите како Calendar, YouTube и слично, па корисниците ќе можат да побараат да им биде пуштен конкретен дел од некое видео и слично.
Google Chrome добива и можност за вклучување на AI Mode од Search директно преку лентата за адреси, а корисниците добиваат и можност да постават било каква прашања за страната која е отворена во моментот.
Доста корисна ќе биде интеграцијата на ВИ во „борбата“ со малициозни веб страни, како и со малициозни известувања од страните, а на крајот тука е и можноста за брз промена на компромитираните лозинки.


















