Google го најави нивниот конкурент на новиот Microsoft Bing минатиот месец. Наречен Bard, овој нов додаток на Search е направен на основа на вештачката интелигенција, поточно генеративната вештачка интелигенција. Тоа значи дека исто како и конкурентите, Bard може да креира одговори врз основа на поставените прашања, односно дадените насоки.

Без разлика што можевме да прочитаме дека во компанијата биле  сериозно загрижени од успехот на ChatGPT од OpenAI и најавата за интеграција на оваа технологија во Bing, сепак Google го држат силното прво место на интернет пребарувањата.

Ова значи дека од компанијата не мора многу да се брзаат со пуштањето на Bard, па доволна е најавата и тестирањето со ограничен број на корисници.

Од оваа недела корисниците во САД и Обединетото Кралство можат да се пријават на листа на чекање, па да добијат пристап до новиот дел од Google Search.

„Почнуваме да го отвораме пристапот до Bard, ран експеримент што ви овозможува да соработувате со генеративната вештачка интелигенција. Почнуваме со САД и ОК и со текот на времето ќе се прошириме во повеќе земји и јазици.“ – истакнуваат од Google.

„Можете да го користите Bard за да ја зголемите вашата продуктивност, да ги забрзате вашите идеи и да ја поттикнете вашата љубопитност. Може да побарате од Bard да ви даде совети за да ја постигнете вашата цел да читате повеќе книги оваа година, да ја објасни квантната физика со едноставни зборови или да ја поттикнете вашата креативност со сумирање на блог пост.“ – додаваат од компанијата.

Како и моментално главниот конкуренти, Bing, Bard може да дава одговори на секое поставено прашање од корисниците, но исто така може да креира текст, да сумира текст, да напише код и слично.

Не е познато кога повеќе корисници ќе може да го користат Bard, но од Google посебно истакнуваат дека тој е само додаток на Search, а не негова замена. Кај сите резултати е поставено копчето „Google It“ за да може да се проверат добиените одговори.

Ова е нешто што исто така посебно се истакнува од страна на Google. Како што можевме да видиме и со другите вакви „чет ботови“, резултатите не се когаш се точни. Големите јазични модели функционираат на таков начин да доколку немаат одговор за нешто, тие самите ќе го „измислат“ врз основа на предвидувањето од вештачката интелигенција што треба да следи после секој збор.

Пристапот до Bard е достапен преку страната bard.google.com, но засега не е можна регистрација од нашата земја.ф

Претходна статијаМакедонската компанија Пантелеон ГС успешно ја шири својата приказна и во Србија
Следна статијаMeta најави две новини поврзани со групните разговори во WhatsApp
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.