Google оваа недела го претстави Private AI Compute системот, а уште од самото име може да се забележи дека се работи за Google верзија од Private Cloude Compute системот од Apple.
Тоа што го донесува Private AI Compute е можност корисниците да ги користат помоќните Gemini јазични модели, кои не можат да функционираат локално од уредот, со истото ниво на приватност како тие што функционираат локално.
За корисниците ова ќе значи добивање на повеќе функции од вештачката интелигенција, без притоа да размислуваат кој се има пристап до интеракцијата која корисникот ја има со ВИ.
„Затоа го изградивме Private AI Compute: за да ја отклучиме целосната брзина и моќ на јазичните модели Gemini во облакот за искуства со ВИ, а воедно да осигуриме дека вашите лични податоци остануваат приватни за вас и не се достапни за никого друг, дури ни за Google. Private AI Compute ви овозможува да добивате побрзи, покорисни одговори, олеснувајќи го наоѓањето на она што ви треба, добивањето паметни предлози и преземањето акција.“ – истакнуваат од Google.
Како што може да се прочита, разговорите, односно интеракцијата со ВИ останува приватна до степен што дури ни од Google не можат да пристапат до истата.
Private AI Compute функционира на чиповите развиени од Google, односно TPU – Tensor Processing Units, заедно со Trusted Execution Environment од AMD.
За тие кои навистина ги разбираат овие системи, Google има објавено техничка документација која може да се прочита тука.

















