Press+shot+cropped

Како што вети, HP денес го лансираше најтенкиот лаптоп на светот, кој е показател за способностите на компанијата во дизајнирањето на хардвер – уредот има дебелина од само 10,4 милиметри, што е потенко од некои таблети, а во внатрешноста има моќни Core i5 и i7 процесори.

Со овој модел HP отворено призна дека сака да се натпреварува директно со Apple и нивниот нов MacBook. И според карактеристиките, Spectre 13 не само што е конкурентен, туку и го засрамува главниот конкурент. Прво, потенок е за скоро два милиметри и веројатно многу поважно, има моќни процесори, за разлика од Core M серијата во MacBook.

HP-Spectre-13.3_right-facing-paired-with-wireless-mouse-1024x575

За многумина ова ќе прави огромна разлика, бидејќи Core “i” процесорите се околу 50-тина проценти помоќни. Од друга страна, помоќните Core i5 и Core i7 загреваат повеќе, но од HP уверуваат дека вграденото ладење е доволно за да ги држи во оптималната работна температура.

Исто така и покрај исклучително тенкото куќиште, HP ветува траење на вградената батерија од 9,5 часа со едно полнење, бројка која е особено респектабилна и конкурентна на MacBook на Apple. Spectre 13 може да се пофали и со повеќе приклучоци за поврзување – има 3 USB Type-C порти.

HP-Spectre-13.3_aerial-view-1024x575

Дисплејот на Spectre 13 има големина од 13,3 инчи и Full HD резолуција и нема можност за допир – нешто што е веројатно направено за да се задржат димензиите минимални. Покрај моќните процесори, почетниот модел има и солидни 8 GB рам и 256 GB SSD диск.

И покрај малата дебелина во лаптопот се вградени и стерео Bang&Olufsen звучници, кои би требало да понудат солиден звук за слушање музика и гледање филмови, додека тастатурата е со целосна големина и има вградено позадинско осветлување.

Однадвор, Spectre 13 е изработен од исклучително квалитетни материјали, поточно алуминиум на горниот дел, карбон – фибер на долниот и бронза каде што се поврзуваат дисплејот и подножјето. HP за овој модел спреми и ново, помодерно лого, кое одлично го надополнува авангардниот дизајн кој со сигурност ќе привлече многу погледи од луѓето одоколу.

Цената на овој одличен лаптоп ќе почнува од 1.169 долари и тој секако ќе има веќе инсталиран Windows 10 оперативен систем.

Извор: The Verge, Engadget, Wired

Претходна статијаSamsung ја произведе првата РАМ меморија со транзистори од 10 нанометри
Следна статијаOppo F1 Plus е телефон со селфи камера од 16 мегапиксели