Фото: Intel

Intel официјално ја најави својата нова серија на десктоп процесори, Core Ultra 200S Plus серијата, која претставува освежување на архитектурата Arrow Lake. Компанијата ги позиционира овие чипови како своите најбрзи „гејминг“ процесори досега, барем едниот од нив, нудејќи директни хардверски унапредувања. 

Официјалната продажба на новите процесори ќе започне на 26 март 2026 година.

Почетната постава се состои од моделите Core Ultra 7 270K Plus и Core Ultra 5 250K Plus, заедно со „KF“ варијантата кај „послабиот“ која доаѓа без интегриран графички процесор. 

Моделот Core Ultra 7 270K Plus располага со вкупно 24 јадра, составени од осум јадра за перформанси (P-cores) и шеснаесет јадра за ефикасност (E-cores), што претставува зголемување од четири ефикасни јадра во споредба со неговиот претходник. Помалиот модел, Core Ultra 5 250K Plus, доаѓа со вкупно 18 јадра, поделени на шест за перформанси и дванаесет за ефикасност. 

Во оваа најава забележливо е отсуството на модел од највисоката Core Ultra 9 класа.

Една од клучните промени во оваа серија е зголемувањето на фреквенцијата за комуникација помеѓу самите „чиплети“ во процесорот за 900 MHz. Ова директно влијае на намалувањето на внатрешната латенција и зголемувањето на протокот на податоци.  

Дополнително, Intel ја подигна официјалната поддршка за работната меморија на DDR5 со брзина од 7200 MT/s, во споредба со 6400 MT/s кај стандардните модели од серијата 200S. Процесорите исто така носат рана поддршка за новиот мемориски формат 4-Rank CUDIMM, кој овозможува користење на мемориски модули со капацитет до 128GB по плочка.

За дополнителна оптимизација на перформансите, Intel ја воведува алатката наречена Intel Binary Optimization Tool. Станува збор за софтверкој ги прилагодува и преведува инструкциите за нивно поефикасно извршување на новиот хардвер. Според податоците од компанијата, комбинацијата од овие промени резултира со до 15 проценти подобри перформанси во видео игрите во однос на оригиналните Core Ultra Series 2 процесори, како и со забележително подобрување кај задачите кои бараат интензивно мулти-тред процесирање.

Процесорите од серијата Core Ultra 200S Plus ја задржуваат целосната компатибилност со постоечките матични плочи кои го користат чипсетот од серијата 800 и лежиштето LGA 1851. Ова им овозможува на корисниците надградба без потреба од купување на нова матична плоча. 

Препорачаната малопродажна цена за Core Ultra 7 270K Plus изнесува 299 американски долари, додека Core Ultra 5 250K Plus ќе биде достапен за 199 долари.