Оваа година веќе можевме да прочитаме дека Microsoft се враќа на стариот концепт на претставување нова верзија од Windows на секои три години. Стана јасно дека најавата за последната верзија од Windows, со Windows 10, нема да остане како план по претставувањето на Windows 11 во 2021.

Ова значи дека идната година треба да го очекуваме претставувањето на Windows 12, a финансискиот директор на Intel ги зголемува ваквите очекувања. Тој во рамките на Global Technology Conference од Citigroup, а забележано од страна на PCGamer, разговара за освежување на Windows кое ќе се случи идната година.

„Ние всушност мислиме дека 2024 ќе биде прилично добра година за клиентите, особено поради освежувањето на Windows. И ние сè уште мислиме дека инсталираната база е прилично стара и бара освежување и мислиме дека следната година можеби ќе го започне тоа, со оглед на Windows како катализатор. Значи, ние сме оптимисти за тоа како ќе се одвиваат работите почнувајќи од 24-та година.“ – истакна финансискиот директор на Intel, Дејвид Зинснер.

Иако во изјавата не се споменува името Windows 12, сепак се верува дека Зенснер говори за нова верзија од Windows поради тоа што годишните надградби кои ги добива Windows 11 не се доволни за да бидат наречени освежувања кои би ги зголемиле продажбите.

За Windows 12 засега нема многу информации. Се верува дека може да добие одредени промени во изгледот, како на пример „лебдечка“ долна лента, која од тоа што можеше да се види, сигурно се тестира барем во компанијата.

Дополнително, се верува дека Windows 12 треба да донесе поголема промена во кодот на системот, а истиот би овозможил побрза работа, а посебно во делот за негова надградба.

Windows 12 исто така треба уште повеќе да ја донесе вештачката интелигенција директно во системот, нешто што веќе го гледаме со Copilot функцијата во најновата верзија од Windows 11.

ИЗВОРPCWorld
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаАпликацијата Boksy отсега со илјадници книги и за возрасни
Следна статијаX веќе не ги прикажува насловот и мал дел од текстот на споделените линкови на мрежата
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.